Последната анкета на „Преспа Институтот“ покажува дека над 70 отсто од граѓаните сметаат дека членството во Европската Унија е најдобрата опција за државата и дека не треба да се бара друга алтернатива. Тоа значи пораст од девет процентни поени во споредба со истата анкета од мај оваа година, кога 61,2 отсто од граѓаните го одговориле истото.
Најголемото мнозинство од граѓаните сметаат дека членството во ЕУ е најдобра опција за државата поради економскиот развој и новите работни места, а исто така високо котираат и почитувањето и заштитата на човековите права, владеењето на правото и намалвањето на корупцијата.
На прашањето како би гласале доколку во недела се одржи референдум за членство во ЕУ, 67,3 отсто од граѓаните изјавиле дека би излегле и би гласале за членство во ЕУ, што е исто така подобрување од мај оваа година, кога тој процент изнесуваше 61.