Доколку утре се оддржат избори, 22,1 отсто од граѓаните би гласале за СДСМ, а 20,4 отсто од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ.
Ова го покажала анкетата спроведена од М-Проспект во периодот од 15 ноември до 1 декември годинава врз 1.000 испитаници, нарачана од Македонскиот центар за меѓународна соработка и Институтот за демократија.
Што се однесува до другите политички партии, според анкетата, ДУИ има рејтинг од 6,6 отсто, Алијансата за Албанците од 2,6 отсто, Левица од 1,7 отсто, БЕСА од 1,5 отсто итн.
Инаку, најголем број испитаници (41,3 отсто) рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар, а 8,5 отсто одбиле да одговорат на ова прашање или одговориле со „не знам“, со што речиси половина (49,8 отсто) од граѓаните искажуваат целосна недоверба кон актуелната политичка елита.
Од другата половина од граѓаните, пак, најголема доверба има во Зоран Заев (16,5 отсто) и Христијан Мицкоски (14,2 отсто), по кои следуваат лидерот на ДУИ Али Ахмети со 6,9 отсто и претседателот на државата Стево Пендаровски со 4,2 отсто.
Мнозинство од испитаниците одговориле дека сегашната Влада не ги исполнила нивните очекувања (64,5 отсто), а 53,9 отсто сметаат дека не заслужува да биде реизбрана во април.
Но, нешто повеќе, односно 58,7 отсто од испитаниците сметаат дека ниту опозициската партија не заслужува да ја води следната Влада.