Во понеделник „Фокус“ објавува најново истражување на јавното мислење за повеќе актуелни теми.
Ги прашавме граѓаните кое е нивното мислење за политичко економската состојба во земјава. Во фокус ни се политичките односи, ставот на граѓаните во врска со терминот за одржување на изборите, но и евалуација на економските мерки и политики.
Најинтересно во ова истражување кое сметаме дека ќе го привлече вниманието на граѓаните и секако на експертската јавност е како судирот помеѓу Мицкоски и Груевски влијае врз рејтингот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Истражувањето покажува дека според перцепцијата на граѓаните во овој момент, големите поделби во ВМРО-ДПМНЕ ја ослабнаа партијата и го намалуваат партискиот рејтинг.
Внатрешниот раскол има тенденција да се преслика и на изборите. Доколку се случи да се појави нов политички субјект или поддржувачи на Никола Груевски да настапи на изборите со сопствени листи, како што се шпекулира во политичките кругови како можна опција, тогаш несомнено тоа ќе оди на директна штета на ВМРО-ДПМНЕ.
После анкетата на ИРИ, ова е второ истражување кое покажува повисок рејтинг на Никола Груевски во однос на Христијан Мицкоски, но и во однос на Ковачевски. Иако Груевски има мала предност од 0,6%, од аспект на политичка анализа е вредно за одбележување.
Дали ова ќе стане тренд или е само краткорочна рефлексија на незадоволството на граѓаните генерално од сите политичари останува да видиме.
„Фокус“ веќе го анализираше конфликтот Мицкоски – Груевски како дел од низата пресметки во ВМРО-ДПМНЕ. Ако се погледне наназад, скоро и да нема ниту еден лидер на ВМРО што не влегол во сериозен судир со своите претходници или наследници.
Како овој внатрешен судир влијае на мислењето на граѓаните за СДСМ, кој е нивниот став за економските мерки на Владата, колкава е поддршката за ЕУ и уставните измени? Утре, понеделник, „Фокус“ го објавува целосното истражување.
„Читајте Фокус“.