На помалку од еден месец од одржувањето на локалните избори, анкетата на „Брима“ покажува дека 19,8% од испитаниците би гласале за кандидат на СДСМ, 17,7% за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, 7,5% за ДУИ, 5,6% за Алијансата на Албанците, 4,6% за Движењето БЕСА, 3,3% за Левица итн, објави „Слободен печат“.
Во овој момент 2,4% се изјаснуваат дека ќе гласаат за независен кандидат, а 8,8% дека нема да гласаат. Околу една четвртина се во категорија „неизјаснети“, односно 13% велат дека се „неодлучни“, 3,7% велат „не знам“, а 7,4% експлицитно „одбиваат да одговорат“.
Од аспект на етничка припадност, 52,2% од етничките Македонци „многу веројатно“ би гласале, наспроти 24,7% од етничките Албанци и 45,7% од другите националности.
Теренското истражување (анкетата е направена според методот лице-в-лице, во домот на испитаникот), е спроведено во периодот од 27 август до 9 септември годинава на репрезентативен примерок, со запазување на сите демографски карактеристики на популација од 18+ години во државата, во која се опфатени 1.201 испитаници.
Резултатите се со маргина на грешка од +/- 2,8%.