Два месеци по предвремените избори во Бугарија, не се забележуваат значителни промени во довербата во партиите во Бугарија. ГЕРБ останува прва политичка сила со 25,8 отсто од гласачите, покажува истражувањето на јавното мнение на агенцијата „Тренд”.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, втората партија во земјата останува „Промените продолжуваат” со 19,2 отсто доверба кај гласачите, Движењето за права и слободи има 11,6 отсто, а потоа националистичката „Препород” со 11,3 отсто. Бугарската социјалистичка партија го задржа петтото место со 9 отсто. „Демократска Бугарија” има поддршка од 7,3 отсто, а партијата на поранешниот премиер Стефан Јанев „Бугарски подем” е на прагот да влезе во Народното собрание со четири отсто.
Според анкетата на „Тренд”, партијата на Слави Трифонов „Има таков народ” има 3,1 отсто и засега останува надвор од Народното собрание на Бугарија.
Малку повеќе од една четвртина од учесниците во истражувањето (26 отсто) позитивно ја оценуваат работата на техничката влада во Бугарија.
Истражувањето покажува пад на довербата во активностите на претседателот Румен Радев. Во декември 42 отсто од анкетираните дале позитивна оценка за неговата работа, а 46 отсто негативна. Намалувањето на позитивната оценка на претседателот главно се должи на повлекувањето на поддршката во последните месеци од поддржувачите на „Промените продолжуваат” и „Демократска Бугарија”.