Над 70 отсто од Бугарите сметаат дека приоритет е решавање на односите меѓу Скопје и Софија, а не патот на Македонија кон Европската унија, покажува анкетата на Галуп интернешнл што денеска ја обијавија бугарските медиуми.
Само 7,5 отсто од анкетираните Бугари сметаат дека приоритет треба да биде евроинтеграцијата на Македонија.
Анкетата покажува дека посклони да се игнорираат проблемите со Македонија се помладите и луѓето со ниско образование, но нивниот број не надминува десетина.
Најцврста позиција имаат матурантите, граѓани над 45 години и жителите на Софија.
Во главниот град, каде се концентрирани групи со повисоки примања и повисоко образование, приоритет на интеграцијата на Македонија во ЕУ даваат само 2 отсто од анкетираните, за разлика од 80 отсто кои сметаат дека прво треба да се реши проблемот со Македонија, а потоа земјата да стане членка на Унијата.