Нема крај на изживувањата врз животните во Македонија! Информирани сме за нов шокантен случај на измачување на животно од страна на шумски полицаец кој месецов во село Подгорци, Струшко со свои колеги за време на службена должност по пријава за нелегална сеча дошол да интервенира, при што видел заврзано куче, информира Анима Мунди.
Кучето било исклучително мирно и исплашено. Шумскиот полицаец Жарко Ш., како што вели Анима Мунди, откако го видел кучето се инспирирал и им кажал на колегите да го испробаат електричниот пендрек врз кутрото животно, за да видат како делува. Почнал со пендрекот со сетта сила да го мава врзаното куче, кое плачело, цвилело и не можело да побегне. Другите негови колеги гледале и се смееле.
„Дали и понатаму ќе се толерираат вакви малоумници и насилници во Македонија? Бараме трајна сузпензија на садистот од неговото работно место кое го злоупотребил и најстрога кривична казна за мачење на животно за време на извршување на службена должност! Информираме дека настанот е пријавен во полиција и за истиот има лица кои ќе сведочат. Вакви психолошки девијантни лица инсистираме да добијат најстрога казна и да одговараат без можност за олеснителни казнени мерки. Да одговараат за ѕверството кое го починиле и кое ќе го повторат пак доколку не се интервенира на време!“, се вели во реакцијата на Анима Мунди.