Здружението „Анима Мунди“ бара од Владата итно да се овозможат дозволи за движење на нивните активисти, за да можат да им однесат храна на бездомините животни кои се на улица.
Од Анима Мунди велат дека „веќе една недела талкаат низ институционалните лавиринти со цел да обезбедат дозволи за активистите кои се грижат за бројни бездомни животни, кои зависат од човечка грижа и кои не можат да бидат оставени со денови без храна и вода, додека трае полициски час.
Тврдат дека од Министерството за информатичко општество и администрација каде што доставиле барање согласно предвидените процедури биле препратени до Владата и Кризниот штаб, од таму во општините, па во локалните полициски станици, но оти нема решение. Дозволи добиле само некои поединци додека други се одбиени без образложение, тврдат од Анима Мунди.
-Ние ги почитуваме мерките на Министерството за здравство и Владата, ја разбираме сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме и во ниту еден случај не би ги нарушиле предвидените мерки и процедури, но веќе со недели укажуваме дека е неопходно да се согледа аспектот на нашето дејствување (со кој ја помагаме државата и општините) и бараме итно да да ни биде дозволено движење во ограничен временски рок со цел грижа (храна, вода, основна ветеринарна помош) за бројните бездомни животни за кои се грижиме. Ова мора да се реши побргу бидејќи доаѓаат велигденските празници кога се најавуваат повеќе денови полициски час, стои во соопштението од Анима Мунди.