Водечката македонска компанија за трговија со електрична енергија – Енерџи Дилевери Солушнс, во сопственост на новиот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, веќе извршила промена на менаџерската позиција и започнала преговори за промена на сопственичката структура, иформираат од компанијата.
„Во согласност со бизнис програмата и акциониот план за работа, во изминатиот период од неколку месеци се водат преговори за целосна промена на сопственичката структура на ЕДС Македонија. Во преговорите, менаџментот на компанијата особено се концентрира на стабилноста и развојот на компанијата во иднина, имајќи ги предвид сите инволвирани субјекти. Процедурите за промени на сопствеништвото ќе бидат спроведени во согласност со законската регулатива во државата“, велат од ЕДС.
Од таму додаваат дека на местото на Анѓушев на управителското место доаѓа Митко Кржовски, како резултат на законските прописи, според кои извршувањето на јавната функција е неспојлива со вршењето на функцијата управител на ЕДС.