Обвинувањата на ВМРО – ДПМНЕ се движат од тоа дека имам финансиска корист од преговорите околу разликата со името со Грција, до тоа дека сум влегол во политиката да ги вратам наводните долгови на компаниите кои ги поседувам, а сите овие обвинувања може да се објаснат со два збора – бескрупулозни лаги, реагираше денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.
-ВМРО – ДПМНЕ и нивните претставници кои ги изнесуваат секојдневно лагите ќе мора јавно да се извинат во рок од 24 часа за изнесените невистини или истото да го докажуваат пред судските инстанции во земјава каде ќе поведам постапки за навреда и клевета. На почеток на мандатот, во законски рок транспарентно го објавив имотниот лист и се гордеам со се што сум направил во Република Македонија. Јас немам што да кријам, но за жал луѓе кои се навикнати да живеат од рекет и криминал и воедно немаат друг аргумент за тоа како некој друг може да биде чесен и успешен на поинаков начин од нивниот, се занимаваат со лаги и во нивните глави замислени шеми.
Немам намера да влегувам во политичката шема на ВМРО – ДПМНЕ кои покажаа како не треба да се владее изминатите 10 години и искрено изненаден сум од неинвентивноста на прес конференциите на ВМРО – ДПМНЕ и нивното елементарното непознавање за економските текови, вели Анѓушев.