Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев оствари средба со претставниците на синдикатот на компанијата ФЗЦ 11 Октомври Куманово, кои денес протестираа барајќи остварување на работничките права загарантирани со позитивните законски прописи.
Вицепремиерот ги ислушал проблемите со кои се соочуваат работниците во оваа фабрика, притоа истакнал дека Владата има потполно разбирање за нивното незадоволство поради непочитувањето на работничките права од страна на менаџментот на компанијата. Тој посочи дека компанијата е во приватна сопственост и Владата може да креира политики и да предлага закони, додека за непримена на законите одлучуваат судските инстанци.
-Владата ги поддржува вработените во Фабриката за цевки 11 Октомври од Куманово, во остварувањето на нивните работнички права, во согласност со позитивните законски прописи кои важат во Република Македонија. За време на средбата посочивме кои се законските надлежности на Владата, бидејќи сите проблеми не може да бидат решени само со протест пред Владата. Побаравме трпение од работниците, и ќе ги охрабриме надлежните институции да го завршат својот дел од работата. Инспекторатот за труд веќе постапи во согласност со своите надлежности, а и сите останати институции ќе ја завршат својата обврска согласно законските прописи“, посочи Анѓушев, кој додаде дека Владата ќе се заложи за забрзување на постапката за формирање на државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка од страна на Собранието на Република Македонија.
Вицепремиерот ги повика сопствениците на ФЗЦ 11 Октомври да покажат разбирање кон потребите на работниците и да ги почитуваат законите во делот на работничките права.