Вицепремиерот Кочо Анѓушев потврди дека „Фени индустри“ има финансиски потешкотии, но рече дека работниците вчера земале плати и никој нема да биде отпуштен.
– Тоа не само што не е точно, тоа е дрска лага и конструкција на некои опозициони медиуми. Вистината е дека „Фени“ има финансиски потешкотии. „Фени“ беше блокиран од „Силк роуд“ банката и од страна на други банки. Тие, бидејќи не ги исполнувале своите финансиски обврски кон банките беа блокирани, и понатаму следеше блокада од страна на добавувачот на руда од Албанија. Апслоутно Владата е посветена, интензивно разговараме со сопственичката структура на „Фени“ и со менаџерскиот тим да изнајдеме решение како овој проблем да биде разрешен – истакна Анѓушев.
Тој додаде дека „Фени“ е голем индустриски капацитет и дека вчера им била исплатена платата на работниците.
– Сите одат на работа секој ден и никој нема да биде отпуштен. Фабриката не престанала да работи, само го намали својот капацитет за момент, за одреден период. Сепак, менаџментот и сопствениците на компанијата мора прво да дадат решенија, бидејќи државата не може да се меша во сите операции на приватен капитал, може да помогнеме само со одредени мерки, да помогне краткорочно, но долгорочно треба да менаџерскиот и сопственичкиот тим да најдат решенија – рече Анѓушев.