Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во вчерашното гостување во „Топ Тема“ најави дека после изборите ќе се повлече од политиката и ќе се врати во бизнисот.
-Кога прифатив да бидам дел од Владата моите намери беа најчесни, со знаењето што го имав стекнато, да и помогнам на државата. Но, за овој период приходите во моите компании опаднаа, а и профитите, некаде и до 50 отсто. Тоа не е само заради неучеството на тендерите, туку и заради моето отсуство. Ќе си го доработам мандатот, но бидејќи не сум член на ни една партија, нема да продолжам со политиката во перспектива – рече Анѓушев.
Тој истакна за време на оваа влада, државата со помало задолжување бележи раст на економските бројки, односно, според него, во овој период просечната плата пораснала за 2.790 денари во однос на периодот 2013-2015, додека во истиот период се отворени нови 54.391 нови работни места.
– Во ПИОМ влегуваат нови пари заради новоотворените работни места и порастот на просечната плата, а ќе дојдат и нови пари поради субврнционирањето на растот на платите од 600 до 6.000 денари. Логично е и пензионерите да го почувствуваат растот на платите и на приливите во Фондот. Овие мерки и политики се подготвуваа пред неколку месеци, односно пред да знаеме дека ќе има предвремени избори поради недобивањето датум за пристапни перговори со Европската Унија – рече Анѓушев.
Тој додаде дека најголем проблем на за стопанството е човечкиот кадар, поради што, како што рече, се создаваат услови за зголемување на платите.