Анѓушев најави нова инвестиција, овојпат од Индија

by fokus

Индиската компанија од автомобилската индустрија „Малхотра“ ќе гради фабрика  во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2. Тоа е 12. инвестиција во зоните во Скопје во изминатите година и половина, во кој период во останатиот дел од државата се реализираат уште пет нови инвестиции, кои во прва фаза овозможуваат 1100 вработувања, со заокружување на градбите 4300, изјави денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.

„Малхотра“ е една од четирите нови странски инвестиции најавени викендот на трибина на Владата во Велес. Одлуката за доделување земјиште на индискиот инвеститор треба да биде усвоена на денешната седница на Владата.

Индискиот инвеститор на македонскиот пазар влегува во конзорциум со јапонска компанија. Ќе произведуваат  кабли за автомобилската индустрија, односно ќе обезбедуваат суровина за сите останати фабрики во Македонија кои прават кабли за оваа индустрија. Ова ќе биде голема инвестиција која ќе започне во следниот период, рече Анѓушев, при увидот на активностите за изградба на капацитетот на американската компанија „Дура“ во ТИРЗ „Скопје 2“.

Фабриката на „Дура“, посочи вицепремиерот, е една од најголемите инвестиции во зоните. Се гради хала од 18.000 метри квадратни, а во вториот дел ќе има и проширување.

Според Анѓушев, новите инвестиции во вкупен износ од 150 милиони евра и 1100 вработувања во почетните фази се показател дека Владата е посветена на индустријализација на државата за раст на економијата.

– Во ТИРЗ Скопје претходно имаше 10 странски инвестици, сега само во период од година и половина имаме 12 нови странски инвестици кои се градат. ТИРЗ Скопје практично е едно големо градилиште каде покрај тешките зимски услови за градење, градбата не престанува. Во оваа зона ќе бидат реализирани 12 нови инвестици, плус дополнителни пет инвестици во другите делови  во Македонија. Вкупната инвестиција е 150 милиони евра само во новите капацитети, со 1100 вработувања  во прва  фаза, кој број по завршување на сите градби вкупниот треба да биде околу 4300, рече Анѓушев.

Поврзани новости