Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, по барањето од граѓански организации да се промени трасата за изградба на гасоводот која минува кај Водно за да не се оштетува шумата, вели дека ќе биде минимизирано какво било оштетување, кое ќе биде компензирано.
Потребно е, порача денеска Анѓушев, да се изнајдат сите средства максимално да се заштити зеленилото и шумата на Водно и во таа насока се прават одредени дејствија.
Според него, и да се избере нова локација и траса и на неа ќе се испречи дрво и друга природна убавна која ќе треба да биде санирана.
Промената на трасата, како што наведе Анѓушев, ќе го одложи градењето на гасоводот и снабдувањето со гас на одредени региони во Македонија на подолг период, од три, четири, пет години, а можеби и повеќе.
– Она што е направено со интервенции во постојните траси на градење е максимално избегнато да се оштетува шумата на Водно и тука ќе биде минимизирано какво било оштетување. Тука Владата ќе биде многу ригорозна преку своите механизми во санирање на таквата состојба и компензирање на се што ќе биде оштетено, рече Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на повикот на Фондот за иновации за поддршка на акцелератори и технолошка експанзија.
При секој инфраструктурен проект се уништува дел од шумата, но, потенцираше вицепремиерот, многу е важно да најдете механизми тоа да го надоместите.
– Јас лично ќе бидам поборник за секое исечено дрво да бидат засадени најмалку десет, рече Анѓушев.