Владата работи на нови модел за дополнителната државна помош на странските инвеститори што ќе биде објавен во септември, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев пред средбата со претставници на странските, домашните и идните инвеститори.
„Инвеститорот ќе добие помош ако исплати одредена нето плата која ќе биде дополнително утврдена. Исто така вработувањето на високообразовани лица на кои ќе им се дава достојна плата ќе биде дополнително помогнато. Износот на оваа плата дополнително ќе биде утврден, и нема да биде 20.000 или 30.000 денари зашто за ваква плата не треба да се даваат субвенции. Ќе се помага и иновативноста на инвестиорите, како и соработката со домашните компании, рече Анѓушев, додавајќи дека новите критериуми, како што појасни Анѓушев, ќе важат за новите инвеститори.
Анѓушев потенцира дека ќе се следи остварувањето на договореното од страна на инвестиорите и ќе се реагира онаму каде што е оштетена државата.
Анѓушев рече дека за сите инвеститори домашни или странски, ќе важат истите правила и критериуми, нема да има договори „во четири очи“ како што го правеле министрите за странски инвестиции, директорот на ТИРЗ, како и на Агенцијата за странски инвестиции, кога некој добивал 10 отсто, а некој 49,9 отсто од планираната помош.