Воопшто не постои можност за еко катастрофа на Дојранско Езеро поради тоа што околу три месеци е сопрен хидросистемот за полнење на езерото. Напротив, системот нема потреба да работи во тек на цела година, бидејќи овој период водостојот е дури поголем од дозволеното- за ,,Фокус” вели дојранскиот градоначалник Анго Ангов.
Пред неколку дена во одредени медиуми се објави вест дека три месеци е стопиран хидросистемот поради заштеда на електрична енергија, немало доток на свежа вода, опаднал водостојот, а жителите на Дојран наводно стравувале дека ќе им се случи еколошка катастрофа.
Според градоначалникот, стравувањата се неосновани, бидејќи во овој период водата во езерото била над нулта квота, и потсетува дека пред неколку години поради зголемен водостој им се случи поплавување на плажите како и големи одрони на крајбрежјето.
-Нема шанси за никаква катастрофа поради сопрените пумпи. Системот треба да се одржува во тек на цела година, од големо значење е и неопходен ни е, но тоа не значи и дека треба да работи во тек на цела година.
Сега кога имаме водостој над дозволеното, разбирливо е да биде исклучен. Да се потсетиме на случувањата од пред неколку години, кога имавме големи штети поради поплавите, се срушија и дел од плажите поради зголемен водостој.
Секогаш со големо внимание и грижа се однесуваме кон езерото и кон секоја промена, но нема место за грижа или пак било каков сензационализам во овој случај. Во постојана комуникација сме со Министерството за животна средина кое раководи со хидросистемот, и никогаш не би дозволиле свесно да се направи било каква штета – појаснува градоначалникот.
Додава дека кога пред неколку дена телефонски го побарале новинари, во врска со наводните стравувања од еко катастрофа, тој бил на состанок и не можел веднаш да одговори.
-Во моментот кога ми се јавија новинари, имав состанок и не бев во можност да зборувам. Но, очигледно се немало време за чекање, па веста беше објавена веднаш. Би потенцирал уште еднаш, нема место за загриженост, со системот управуваат стручни лица кои прават соодветни проценки во полза на езерото. Веднаш штом се јави потреба, пумпите ќе бидат вклучени.
Дојран веќе се полни со туристи, постојано се работи на осовременување на градот, се уредуваат плажите, во интерес на посетителите и локалното население, со цел да имаме успешна туристичка сезона – изјави Ангов.
Од она кое го забележа дел од екипата на ,,Фокус” во Дојран деновиве, езерото е полно со вода, плажите се модернизирани и уредени, а угостителските локали беа полни со посетители од сите краеви.
Вики Клинчарова