Англиските навивачи се очајни: По играта со Македонија, Бог да ни е напомош кога ќе играме со квалитетен тим!

by Fokus

Откако синоќа во Скопје Македонската фудбалска репрезентација со реми против Англија го заокружи квалификацискиот циклус, не стивнуваат реакциите на љубителите на фудбалот.
Натпреварот кој заврши со резултат 1-1, за Македонците е успех и причина за гордост, но за англиските навивачи повод за критики на сметка на нивните играчи, како и потсетување дека годинава во јуни Македонската репрезентација изгуби со 7-0 од Англија, на квалификацискиот натпревар од 3. коло за пласман на ЕП 2024.

На официјалната страница на Англиската репрезентација се актуелни голем број на критики од тамошните навивачи, кои сметаат дека нивните играчи одиграле ужасно.

-Тимот кој го победивме со 7-0 на домашен терен, и луѓе кои честитаат дека Англија играла добро?! Менаџерот и играчите да се засрамат! Со ваква игра и менаџмент нема да стигнеме далеку на Европско- е само една од бројните критики.

Понатаму, во коментари англиските навивачи велат дека ги жалат оние кои од Британија допатувале во Македонија, бидејќи играта била многу лоша.

-Кога бевме вака слаби со Северна Македонија, Бог да ни е напомош кога ќе играме со квалитетен тим! Неверојатно е како некој може да направи една толку талентирана група играчи да изгледа просечно против Македонија. Англија заслужува подобар менаџер!- се само дел од реакциите на разочараните британски навивачи.

SKOPJE, MACEDONIA – NOVEMBER 20: Jack Grealish of England celebrates after scoring a goal which is later disallowed by VAR for offside during the UEFA EURO 2024 European qualifier match between North Macedonia and England at National Arena Todor Proeski on November 20, 2023 in Skopje, Macedonia. (Photo by Eddie Keogh – The FA/The FA via Getty Images)

По вчерашниот меч од Македонската фудбалска репрезентација пак, им се заблагодарија на навивачите за поддршката, но и поради тоа што натпреварот поминал без инциденти.

-Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини пред натпреварот најави дека сите ќе имаат можност да видат каква е репрезентацијата на Македонија и какви се нашите навивачи.
Беше во право, тоа беше вечер со која сите можеме да се гордееме!
Горди сме што за мечот Македонија – Англија беше продадена и последната достапна влезница, што покажува дека Федерацијата правилно ја утврди цената на билетите.

Исклучително сме среќни што прекрасната фудбалска вечер помина без ниту еден сериозен инцидент. Ние тврдевме дека Македонија може да биде земја без расизам, национализам, дискриминација, вербално и физичко насилство на стадионот, а тоа го потврдивте со вашето однесување на Националната арена „Тодор Проески“.
Ви благодараме!

Колку им значат полните трибини, нашите репрезентативци покажаа со одличен настап и важен резултат, а во своите изјави ја истакнаа важноста на навивачите – истакнаа од репрезентацијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости