Речиси 170.000 работници ги напуштија своите работни места во здравствениот систем на Англија минатата година.
Во анализата на британски Обсервер се наведува дека ова е рекордно заминување на професионални здравствени кадри, професионалци кои се борат со невиден притисок во англискиот здравствен систем, пишува лондонски Гардијан.
Повеќе од 41.000 медицински сестри ги напуштија своите работни места во англиските болници, при што вкупниот број на вработени кои се откажаа во 2022 година се зголеми за повеќе од 25 отсто во споредба со 2019 година.
Во петокот, премиерот Риши Сунак започна нов план за обука и мотивација на стручниот медицински персонал.
Сер Џулијан Хартли, главен извршен директор на Здружението на здравствени фондови NHS на Англија, рече дека „нашите здравствени работници направија брилијантна работа за време на пандемијата, но немаше одмор“.
„Податоците за заминување на луѓе се загрижувачки и треба да ги смениме. Треба да покажеме дека работодавците навистина се грижат за своите луѓе на првата линија“, рече Хартли.