Сè повеќе луѓе во Англија и Велс тешко ги подмируваат сметките за вода, а нивниот број се зголемил за 33 отсто од мај, бидејќи зголемените животни трошоци го оптоваруваат домашниот буџет, предупреди регулаторот Офват.
Истражувањето на консултантската фирма Саванта покажа дека процентот на граѓани кои се жалат на проблеми со плаќањето на сметките се зголемил на 20 отсто, во однос на 15 отсто во мај, предупреди регулаторот за водни услуги во Англија и Велс. Во истражувањето учествувале 2.328 корисници на водоснабдителни услуги, а спроведено е од 4. до 13 октомври.
Две третини од граѓаните кои учествувале во анкетата очекуваат нивната состојба да се влоши во следната година, додаваат од регулаторот. Анкетата покажа и дека сметките за енергија и натаму се најголемиот проблем за граѓаните.