Ангеловска: Закрепнувањето на економијата оди побрзо од очекувањата

by fokus

Резултатите за месец јуни, како и вкупно за целото прво полугодие од 2020 година се подобри од очекуваното. Тоа укажува дека закрепнувањето е почнато и истото може да оди и побрзо од очекувањата, оцени министерката за финансии, Нина Ангеловска на прес-конференција за спроведувањето на буџетот и за состојбите на јавните финансии.

Во првата половина од годината, рече таа, вкупните приходи во буџетот се реализирани на ниво од 44% од ребалансот во износ од 87,4 милијарди денари што е за 9% помалку во однос на истиот период лани.

„Процентот на остварување во однос на планот, е речиси ист како и минатата година. Тоа укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите. Мора да се напомене дека реализацијата на вкупните приходи, кога станува збор само за месец јуни е значајно подобра од очекувањата односно таа е за 9.6 % пониска во однос на јуни лани, а ние бевме подготвени за 20 % пониска реализација“, рече министерката.

Приходите од даноци во првото полугодие од 2020, пак, изнесуваат 47,3 милијарди денари што е пад од 13 % во споредбата со првата половина на 2019.

„Кога станува збор за придонесите, се забележува позитивен тренд односно раст со стапка од 8 % или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување работните места во борба против ковидкризата даваат резултат“, вели Ангеловска.

Од друга страна, пак, расходите исто така бележат раст на годишно ниво согласно податоците за првите шест месеци, а најголем дел од нив се како резултат на мерките за борба против кризата.

„Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9 % на годишно ниво. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од кризата во износ од околу 5,4 милијарди денари“, рече министерката.

Кога е во прашање идниот период, министерката очекува во третиот и четвртиот квартал да има постепено закрепнување на домашната економија за што значително ќе придонесе и третиот сет економски мерки за помош во кризата.

Поврзани новости