Денешната аукција на државни хартии од вредност е редовна аукција предвидена и објавена со календарот за аукции согласно предвиденото домашно повлекување утврдено со Буџетот за 2020 година, со тоа што мора да се напомене дека бројот на аукции е двојно намален од 2017 година наваму, реагираат од Министерството за финансии кон критиката од дополнителната заменичка Гордана Кочовска дека со задолжувањето се финансираат само тековни расходи.
„Државните хартии од вредност се евтин извор за финансирање на буџетскиот дефицит, но и на стари доспеани обврски. На пример, каматата на 12-месечните обврзници кои се издадоа на денешната аукција изнесува 0,6 отсто, додека на крајот на месецот треба да ја вратиме втората рата од ПБГ-заемот во износ на 155 милиони евра, која е земена во 2013 година со каматна стапка од 3,9 отсто или повеќе од шесткратно повисока. До крајот на годината доспева еврообврзницата од 2015 во износ од 180 милиони евра со камата од 4,9 отсто“, велат од кабинетот на министерката Нина Ангеловска.
Од таму додаваат дека годинава за отплата има надворешен долг од 437,8 милиони евра и отплата по основ на домашен долг во износ од 264,9 милиони евра.
„Сепак, и покрај големиот број на стари обврски кои доспеваат, успеавме да го стабилизираме јавниот долг и сега тој е дури на пониско ниво во однос на 2016 година. Ако во 2016 година тој изнесувал 48,8 отсто, согласно последната состојба, јавниот долг изнесува 47,7 отсто и тоа со вклучен негарантиран долг, кој порано не бил вклалкулиран – што значи дека долгот е понизок за околу 1,5 процентни поени. За разлика, порано јавниот долг беше брзорастечки, што беше забелешка и од меѓународните финансиски институции. Така од 2008 година од 23 отсто јавниот долг се удвои на 48,8 отсто во 2016 година“, велат од министерството.