Капиталните расходи во буџетот за 2019 година се реализирани 78 отсто во однос на проекцијата. Во апсолутен износ капиталните инвестиции изнесуваат 17,8 милијарди денари, што е 5,7 милијарди повеќе во однос на 2018 година или 46,6 отсто повеќе. Ова денеска го изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска, презентирајќи ги првичните податоци за реализација на буџетот за 2019 година.
– Кога ја објавивме алатката за капитални расходи, со кои на располагање ѝ ја ставивме на јавноста реализацијата според буџетски корисници, веднаш потоа имавме подобра реализација речиси кај сите буџетски корисници. Понатаму, при планирањето на годинешниот буџет, при утврдувањето на сумите кај капиталните проекти го зедовме предвид и поведението на буџетските корисници, односно претходната реализација на капиталните проекти. На долг рок подобра реализација на капиталните расходи ќе обезбедиме преку подобрување на среднорочното планирање на буџетот – рече Ангеловска.
Таа додаде дека буџетски корисници кои имале највисока реализација на капитални инвестиции се Министерството за транспорт и врски со 85,4 отсто од проекцијата, Владата со 98,9 отсто, Министерството за одбрана со 81,3 отсто, Министерството за внатрешни работи со 92,2 отсто, Министерството за финансии со 87,9 отсто реализација и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството со 718 милиони денари и 99,7 отсто реализација. Според неа, економијата е во добра кондиција со раст од 3,6 отсто во првите три квартали од 2019 година.
– Овој раст е на широка основа, односно имаме раст и во градежништвото и индустријата со 5,6 отсто раст од почетокот на годината, заклучно со третиот квартал, и во земјоделството со 4,2 отсто, во бруто-инвестициите со раст од 5,3 отсто, потрошувачката со 3,8 отсто и извозот со 12,2 отсто раст, заклучно со третиот квартал – рече Ангеловски и посочи дека и вработеноста продолжила да расте, така што во третиот квартал од 2019 година има 40 илјади лица повеќе вработени во однос на третиот квартал од 2018 година.