Геополитичките случувања, вклучително и руско-украинските тензии може неповолно да се одразат врз динамиката на заздравувањето на глобалната економија, како и на глобалните пазари на примарни производи. Директната изложеност на нашата кон руската и украинската економија е мала и оттаму не се очекуваат позначителни директни ефекти. Сепак, доколку дојде до забавување на глобалниот раст, а особено растот на ЕУ, како наш најзначаен трговски партнер, тоа може да има одредено неповолно влијание и на динамиката на растот на домашната економија.
Ова го посочила гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на конференцијата од високо ниво, насловена „Пост ковид-19 и скорешните геополитички тензии: која е новата реалност за макроекономијата и пазарите на недвижности“. Конференцијата е во организација на централната банка на Белгија.
-Трговијата со Русија и Украина учествува со само 2 отсто во вкупната трговска размена на нашата земја. Финансиската изложеност е многу мала, додека странските директни инвестиции од овие економии изнесуваат само 0,5 отсто во вкупните и не се присутни во финансискиот сектор. Само 0,1 отсто од дознаките доаѓаат од Русија и Украина. Сепак, можни се и индиректните ефекти. Русија е меѓу најголемите извозници на енергија и метали во светот, додека Украина меѓу најголемите извозници на жито, истакнала Ангеловска-Бежоска.
На конференцијата било посочено и дека по остриот пад за време на пандемијата, економиите од Западен Балкан постепено се опоравуваат. Сепак, динамиката од економија до економија варира и се движи од 3 до 7 отсто раст на БДП за минатата година.