Ангеловска-Бежоска: Македонската економија е најранлива, не погодува шок!

by Fokus

Народната банка очекува инфлацијата годинава да се стабилизира, да забави и да изнесува 8 до 9 проценти. Како што рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во овие услови на криза фокусот е ставен врз макроекономските политики, но клучниот двигател на растот се структурните реформи.

Нејзина оценка е дека светот не се соочува со една криза, туку со неколку последователни кризи од невидени размери, кои долго траат и се специфични по својата природа – го забавуваат растот, а истовремено ја зголемуваат инфлацијата.

-Во услови кога инфлацијата забрзува, просторот за реакција на носителите на макроекономските политики е ограничен. Речиси нема економија во која инфлацијата не забрза и каде не достигна историски високи нивоа, но има разлики. Колку економијата е трговски поотворена и поувозно зависна, особено во енергетскиот сектор каде сега и се случуваат шоковите, економија во која е поголемо учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошница, реакцијата е поизразена. Пример за тоа е македонската економија. Нашата трговска отвореност е двојно повисока во споредба со ЕУ, имаме многу повисока енергетска зависност. Не само што сме увозно зависни, туку ние во просек трошиме два до три пати повеќе енергија за да произведеме една единица бруто домашен производ. Тоа значи дека сме многу поранливи. Учеството на храна и енергија во потрошувачката кошница кај нас е над 50-на проценти, а во ЕУ е 30-на отсто. Ова јасно зборува за силината на шокот што не погодува, подвлече Ангеловска-Бежоска.

Поврзани новости