Банкарскиот систем во регионот остана отпорен и покрај предизвиците во текот на здравствената и тековната криза, поради претходно соодветно поставените регулаторни заштити и механизми, оцени гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на гувернерската панел –дискусија што во рамки на 16. Годишна конференција ја организираше Банката на Албанија со Лондонската школа за економија и политички науки.
Говорејќи за капиталните и ликвидносни заштитни слоеви, гувернерката потенцира дека кај банките во регионот заклучно со второто тримесечје од годинава, адекватноста на капиталот во просек изнесува 18,3 проценти, што е непроменето во однос на нивоата пред пандемијата во декември 2019 година, а во некои земји е дури и повисоко.
Ангеловска-Бежоска се осврна и на реформите поврзани со „позеленување на финансискиот сектор“ притоа посочувајќи дека носителите на политиките треба да се фокусираат на понатамошно одржување на реформската агенда за усогласување на финансиските системи во регионот со меѓународните стандарди, при што, „зеленото финансирање“ треба да биде важен приоритет.
Во тој контекст, Ангеловска-Бежоска посочи на оценките на меѓународните институции. Така, „ММФ проценува дека природните катастрофи поврзани со климатските промени го намалуваат растот во просек за 0,4 п.п., па дури и до 0,7 п.п. во помалку развиените економии, а се проценува дека негативниот ефект во наредниот период ќе биде уште поголем, особено во помалку развиени економии, коешто бара енергични активности не само од креаторите на политиките, туку и од целата меѓународна заедница“.