(ИНТЕРВЈУ) Ангелова: Приоритет ќе ми биде вработување на нов наставен и ненаставен кадар

by Fokus

Професор Биљана Ангелова е родена во Скопје. Додипломски и последипломски студии завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и докторирала во 1999 година на Економскиот факултет.

Во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

Во периодот 2006 – 2008 година била раководител на втор циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Била прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт. 

Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот.

ФОКУС: Во моментот сте актуелен проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Се најдовте и на листата за иден ректор. Зошто одлучивте да се кандидирате?
АНГЕЛОВА Голем предизвик е да се нафатите на оваа функција која бара многу посветеност и откажувања од останатите лични задоволства и професионални обврски. Се одлучив за оваа кандидатура поради тоа што имам големо професионално и менаџерско искуство, кое го искалив во мојата триесет и петгодишна кариера, вклучително, два мандати како директор на Економскиот институт и два мандати проректор за финансии, инвестиции и развој.

Бев враководител на многу голем број на меѓународни и национални проекти, проекти за странски и домашни компании, раководител на трет циклус студии по Организациски науки (менаџмент), големо искуство како професор на сите три циклуси на високо образование кое искуство можам успешно да го искористам на оваа позиција. Како проректор за финансии имав можност, добро да ги согледам сите предизвици со кои се соочува Универзитетот, единиците на Универзитетот, нивните капацитети, начин на кој функционира овој сложен систем и успешно да одговорам на задачите во ресорот во кој имав пренесени надлежности.

ФОКУС: Вашето менаџерско искуство беше пресудно за кандидатурата?
АНГЕЛОВА Токму успесите кои ги имав во ресорот кој го водев во два мандати, ме охрабри да се одважам и да се кандидирам за оваа функција.Имам јасна визија за сите проблеми и можности и во својата Програма за работа понудив реални и остварливи решенија за раст и развој на Универзитетот. Верувам во капацитетот и желбата на академската заедница на УКИМ и уште повеќе дека сите заедно можеме да се заложиме и да ја оствариме нашата заедничка цел а тоа е подобар УКИМ, со европски вредности чие место е на европскиот високообразовен простор.

ФОКУС:  Може ли да ни кажете дали досега ја имате презентирано вашата програма пред професорите и за што најмногу се залагате?
АНГЕЛОВА Програмите на секој од кандидатите се веќе јавно достапни на web страната на УКИМ и испратени се до сите наставно-научни совети на единиците. Презентирањето на Програмата според распоредот на Универзитетската изборна комисија започнува од средината на оваа недела и ќе трае до крајот на наредната недела. Предвиден е транспаретен начин на претставување на програмите на секој од кандидатите за ректор на УКИМ пред единиците групирани по научни подрачја во кампусите на нашиот Универзитет.

Ваквиот начин на претставување дава можност на секој од нас да се претставиме пред широката академска заедница на УКИМ и да ги презентираме нашите визии, решенијата што ги нудиме и она што е најважно да дискутираме за многу отворени прашања и да разјасниме многу дилеми. Она за што најмногу ќе се залагам е трансформација на Универзитетот кој создава и промовира европски вредности. Сите активности за кои се залагам во својата Програма рефлектираат бенефити за студентите, професорите и нови вредности кои УКИМ ќе ги испорачува кон општествената заедница – бизнис заедницата и граѓанскиот сектор.

Првенствено ќе се залагам за зголемување на постојните извори на финансирање кои ги обезбедуваме од Министерството за образование и наука, но и обезбедување на нови дополнителни извори на финансирање. Новите извори на финансирање ќе се обезбедуваат преку вмрежување и обезбедување на полесен пристап на универзитетските тимови за членство во Европските конзорциуми за истражувачка инфраструктура, како ERICs, и други и стражувачки асоцијации фокусирани на одделни научни области, што ќе доведе до повеќе можности за учество на нашите единици на Европските проекти и вмрежување во европската истражувачка инфраструктура, а со тоа и повисок рејтинг на Универзитетот. Потоа ќе се залагам за развој на универзитетско претприемништво и зајакнување на соработката со бизнис секторот како нов дополнителен извор на приходи.

ФОКУС: Сметате ли дека има потреба од нови вработувања?
АНГЕЛОВА
Покрај финансирањето, високо место на мои приоритети е и обезбедувањето на вработување на нов наставен и ненаставен кадар.

Една од основните заложби ќе ми биде и унапредување на наставата и квалитетот на наставата преку акредитација на нови интердисциплинарни студиски програми, во кои ќе се инкорпорираат резултатите од научните истражувања, програми во кои ќе има поголема застапеност на практичната настава и на сознанијата стекнати низ апликативната работа на професорите.Ќе се залагам и за поголема мотивираност на наставниот кадар. Како и досега ќе се продолжам во насока на зголемување на инвестиционите вложувања во капитални подобрувања во објектите и опремата,  лабораториите, софтверите, и генерално подобрување на условите во кои студираат нашите студенти.

Ќе направам максимални заложби за партиципирање во користењето на Европските можности за инвестиции во истражување и развој, во синергија со ЕУ програмите кои финансираат наука и истражувања.Во делот на науката ќе настојувам да обезбедиме поголема научно-истражувачка продуктивност преку пристап до платформите на „отворена наука“ и до истражувачката инфраструктура поврзана на Европскиот облак за отворена наука.

Ќе се залагам за системи за кариерен развој и мобилности на истражувачите генерално, а посебноќе се поддржуваатистражувачите во рана и средна фаза. За унапредување на меѓународната соработка на УКИМ фокусот ќе биде ставен на зголемување на студентската и академската мобилност и за пристапување кон Европските алијанси на Универзитети.

ФОКУС: На нашиот Универзитет се повеќе е застапена теоријата, отколку праксата. Може ли во тој дел нешто да се промени, со оглед на тоа што како што излегуваат студентите како идни академски граѓани, немаат никаква пракса.
АНГЕЛОВА Ние мораме да бидеме сигурни дека на крајот на високо образовниот циклус дипломците поседуваат компетенции соодветни за вработување, но покрај тоа, и генерички и бихевиорални вештини коишто ќе им бидат потребни во текот на целиот работен и кариерен развој. Подобрувањето на капацитетите за вработливост, со акцент на практичните знаења и вештини, во основа е комбинација на академското знаење кое е основа на сите клучни компетенции кои ги бара пазарот на труд, но и на други дополнителни бихевиораллни и практични знаења и вештини.

Да се излезе во пресрет на барањата на пазарот на труд не значи дизајнирање на образовните програми само од перспектива на работодавачите. „Добрата теорија” останува висок приоритет на образованието што им се нуди на нашите студенти, но, ќе биде потребно постојано да се  изнаоѓа рамнотежа меѓу генеричките и академски знаења од една страна и праксата и специфични знаења од друга страна.

Уделот на практичната наства мора да се зголемува. УКИМ има обезбедено голем број меморандуми за соработка со бизнис секторот кој е секогаш отворен за соработка и за практикантство на нашите студенти. Покрај тоа ќе треба да обезбедиме истекнување на дополнителнитрансферзалнивештини кои ги бара пазарот и тоа пред се нумерички вештини и вештини за користење на дигитални алатки, кои ќе развијат способност кај студентите за критично размислување и за решавање на проблеми.

Развојот на вработливост значи воспоставување на рамнотежата меѓу академското занење, практичното know-how и меките вештини (softskills) кои мора да бидат специфично поставени за секоја образовна програма зависно од: научното подрачје, таргетираните компетенции, таргетираните работни места исоцио-економското окружување.

ФОКУС: Една од најексплотираните теми за високото образование се меѓународните рангирања на универзитетите, како на пример Шангајската листа. Може ли да ни објасните зошто постојано паѓаме?АНГЕЛОВА Проблемот со рангирањето е комплексен и бара вклученост на повеќе актери, не само на универзитетот. Секако, универзитетот ја има основната одговорност, посебно во своите залагања за постигнување извонредност во секој аспект од својата работа. Но, одговорноста ја има и државата, со оглед на исклучително ниското вложување во високото образование и науката.

Потребно е да се биде во чекор со новото време и вредностите кои тоа ги наметнува. Вообичаено прифатените стандарди кај нас се недоволни за да очекуваме дека и во 21век ќе постигнуваме добри резултати, наспроти останатите универзитети во светот, каде условите за научно творештво се многу подобри па затоа и можностите за напредување и научно-истражувачка продуктивност се многу подобри. Рангирањето е долг процес. Нискиот ранг во последниве неколку години и падот на УКИМ на Шангајска листа е резултат на она што не било сработено во минатиот период, она што е сработено во последниве неколку години, резултатот ќе го видиме во иднина.

ФОКУС: На која основа се прави рангираењто?
АНГЕЛОВА Рангирањето е главно резултат на објавените научно-истражувачки трудови во реномираните индексациски бaзи, видливоста, општественото влијание, иновациите, извонредноста, вработливоста, цитираноста и сл. Во тој поглед за УКИМ може да се каже дека во последниве неколку години бележи подобрување. На најновите Универзитетски рангирања, и тоа на Schimago и Webometrics, се валоризираа нашите заложби во изминатите две и пол години. Заложби во насока на интернационализација и подобрување на видливоста на резултатите на Универзитетот.

Факт е дека секоја од светските универзитетски ранг листи, има своја специфично дефинирана методологија за рангирање, која базира на метрика и следење на различни индикатори. На пример WEBOMETRICS е најголемата web-ориентирана ранг листа, SCIMAGO рангира на база на резултатите од најголемата Европска компанија за објавување на резултатите од научно истражувачката работа во базите на ELSIVIER и SCOPUS.

ФОКУС  Значи, не сме рангирани на Шангајската листа?
АНГЕЛОВА Во однос на Шангајската листа, за жал не сме рангирани. Шангајската ранг листа на универзитети во светот е една од најпрестижните, посебно поради фактот што критериумите според кои истата се составува се прилично високи, како на пример, еден од критериумите е универзитетот да има алумни кои се носители на Нобелова награда (30%), објавени трудови во „NatureandScience“и Web of Science кои бараат фундаментални научни истражувања и откритија за кои се потребни многу финансиски средства.

Кај сите метрики, научно-истражувачката работа многу силно влијае врз рангирањето. Мината година постигнавме историски највисок број на научно истражувачки публикации, индексирани на WebodScience и Scopus, што веднаш се одрази на неколку од листите за рангирање на универзитетите, со покачување на нашата позиција. За жал не можеме да се појавиме и на  други листи, кои ги рангираат само универзитетите кои имаат поголем обем на научноистражувачки публикации од нашите капацитети.

Посебно би сакала да го потенцирам фактот за универзитетското рангирање на Schimago, каде за прв пат оваа година УКИМ забележа најдобар ResearchRank до сега. Од почетното 584 место во 2009г, 439 во 2015г, до 396 место во 2022, што е најдобар резултат до сега. Иако, оваа листа не е најопсежна, сепак, во истата влегуваат најпрестижните и најдобрите универзитети во светот, што е од посебно значење за нас. Клучниот фактор за постигнување на овој резултат е наставно-научниот кадар на УКИМ, кој и покрај годините на пандемија, продолжи да дава висок импакт на квалитетот на наставната и научно-истражувачката дејност на Универзитетот.

Трудот и посветеноста на Академската заедница на УКИМ секогаш била на високо ниво и таа е единствено заслужна за овој резултат. Потребен е детерминиран пристап, свесност за припадност и поголема синергија за да се делува во насока на постигнување заеднички подобар резултат.

ФОКУС: Постои ли критична маса на професори и што очекуваат да се подобри откако ќе дојде нов ректор?
АНГЕЛОВА Академската заедница на УКИМ била и ќе остане интелектуалната авангарда на нашето општество, која во многу критични моменти покажала знаење, зрелост, конзистентност и решителност. Сите имаме исти очекувања, бидејќи сите потекнуваме од иста средина, се соочуваме со исти проблеми и сите сакаме да успееме да бидеме подобри и поуспешни во градењето на европски вредности за нас и нашиот Универзитет.

Академската заедница очекува враќање на достоинството на професорите во општеството и повисоки плати, повисок ранг на меѓународните универзитетски ранг листи, вмреженост со странски универзитети, плодна и ефикасна меѓународна соработка, целосна дигитализација на активностите и процесите на Универзитетот, повеќе капитални инвестиции и подобрување на условите за студирање и работа.

Ирена Мулачка

 

 

 

Поврзани новости