Професорката од Економскиот институт, Биљана Ангелова е новиот ректор на УКИМ, откако денеска убедливо ги победи своите пет противкандидати.
Како што веќе објави „Фокус“, професорката Ангелова располага со поголемиот број на гласови и доаѓа на местото на досегашниот ректор, професор Никола Јанкуловски.
За време на целата историја на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ангелова е втора жена ректорка, откако пред 25 години, поточно во периодот од 1994 до 1998 година, професор др. Радмила Кипријанова била ректорка во два мандати.
За сите овие 72 години досега, ова е вторпат жена да седне на ректорското столче.
Ангелова претходно во интервју за „Фокус“ истакна дека голем предизвик е да се нафатите на оваа функција која бара многу посветеност и откажувања од останатите лични задоволства и професионални обврски.
„Се одлучив за оваа кандидатура поради тоа што имам големо професионално и менаџерско искуство, кое го искалив во мојата триесет и петгодишна кариера, вклучително, два мандати како директор на Економскиот институт и два мандати проректор за финансии, инвестиции и развој“, тврдеше Ангелова.
Таа, исто така додаде дека покрај финансирањето, високо место на нејизните приоритети е и обезбедувањето на вработување на нов наставен и ненаставен кадар.
Ирена Мулачка