Ангелов за „Фокус“: Треба да направиме една мултифункционална специјална единица за заштита и спасување!

Ни треба една реална единица за заштита, пребарување и спасување. Имаме сè, но не луѓе што ќе излезат на терен и ќе гаснат, кои ќе отидат во планина да спасат човек. Ни треба една централна единица, која ќе дејствува на територијата на цела држава, вели Стојанче Ангелов.

by Фокус

Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека цел систем што учествува во гаснењето на пожарите треба да биде комплетно реорганизиран или трансформиран, така што ќе се формира една единица за заштита и спасување на цела територија.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Ангелов посочува дека системот со управување со кризи и цел систем што учествува во гаснењето на пожарите, треба да биде комплетно реорганизиран или трансформиран. Според него, потребна е трансформација на системот и зајакнување на ресурсите, иако нагласува дека и кога овие ресурси би биле распоредени правилно, би имале посилен ефект во борбата против огнената стихија.

По големите пожари во 2021 година, зборував со поранешниот премиер Зоран Заев и укажав на слабостите на системот. Јас сум поранешен оперативен полициски старешина, кој одел на терен и војувал. И знам која е разликата меѓу нешто што е напишано на хартија и суровата реалност. Нашиот народ рекол – не е ист домашниот и чаршискиот есап.

Премиерот Заев беше свесен за ова и ми даде целосно одврзани раце да направам комплетна реформа на системот. На оваа тема зборував и со тогашниот претседател Стево Пендаровски, кој потекнува од полицијата. Беше свесен за сите слабости и се согласи дека е потребна итна реформа на системот.

Се одржа седница на Советот за безбедност, каде присуствувавме јас и директорот на ДЗС Беким Максути. Заклучокот на Советот беше да ѝ препорача на владата итно да формира работна група, која ќе понуди нова концепција за кризниот менаџмент. Владата го направи тоа. На седница донесе одлука да се формира работна група што ќе ја предводам јас како директор на Центарот за управување со кризи.

Јас не знаев дека тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска не била во државата. Кога таа се врати, ја променија одлуката и одлучија јас и Максути да понудиме концепција. Јас сам прифаќам да понудам концепција, но со директор на друга институција не можам да го направам тоа. Откако сфатив дека идејата е елиминирана, се откажав од реформите – вели Ангелов.

Во меѓувреме, додава тој, ангажиран бил универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски, кој се обидел да го преслика хрватскиот модел, но, според Ангелов, тој не бил соодветен за македонски услови. Затоа, како што вели, уште тогаш бил многу револтиран и имал многу реакции.

Како директор на ЦУК зборував дека Ѓуровски најблизу бил до оган ако евентуално правел скара. Како таков човек ќе ни понуди реформи? Запнал да го преземе хрватскиот модел, кој можеби е добар во Хрватска, но не кај нас. Во Хрватска, кризниот менаџмент е сместен во Министерството за одбрана и само таму е така, и еден мал дел во Албанија. Во сите европски држави, или е независен, или е дел од полицијата.

Но, не е проблем каде ќе биде сместен кризниот менаџмент, туку како ќе биде организиран внатре. Неговата (на Ѓуровски) замисла беше препишана од некаде. Може да препишете закони и од САД и од Јапонија, но нема да функционира, ова е Македонија. Затоа бев револтиран и ова потоа ѝ го кажував и на министерката Славјанка Петровска. Овој концепт не се реализираше зашто тоа е невозможно. Ни го цртаа со креди на табли.

Многу реагирав и ова е другата причина, покрај онаа за бранителите, поради која ја напуштив таа коалиција. Не барав да го водам кризниот менаџмент, тоа од мене го побара премиерот. Јас не се жалам од Заев, сум имал од него 100 отсто одврзани раце во делот на раководење со ЦУК. Нејзините (на Шекеринска) аргументи можеби биле оправдани, на крај гласачите на избори пресудија кој е во право.

Владата на СДСМ ми даде одврзани раце во делот со ЦУК и во кризниот менаџмент онаков каков што е, јас ги носев одлуките, моја беше одговорноста, но не ми дозволија да направам реформи. Ми беше скратена можноста од 2 расипани коли да направам една саглам здрава кола. Тоа сум го презентирал кај претходните премиери, наидов на поддршка и кај Димитар Ковачевски за дел од реформите – рече Ангелов.

Патем, објаснува дека тој се залагал функциите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување да се спојат во една нова институција. Но, потенцира дека не станува збор за механичко спојување на 2 недоволно функционални институции и создавање нова уште потромава институција, туку за сосема нова институција.

Правиме нова структура, нова пирамида, од директор до чувар на портирница. И луѓето што сакаат да работат во новата институција ги преземаме, зашто јас во ЦУК имам еден куп луѓе, кои не работат безмалку ништо. Ако ми беа дадени одврзани раце, ќе направев нова институција од двете постоечки. Ако јас ја предводев, иако не е важно кој ќе ја предводи, ќе направевме една жива институција, каде што ќе предвидевме живи работни места.

На пример, ЦУК во Кичево има 17 вработени, а мене ми требаат двајца. Ни ги дадоа рамковните вработени и такви имам на повеќе места. Ни го оптоваруваат буџетот, немаме потреба од толку вработени. Според мене, ако функциите на двете институции се интегрираат во нова гарантирам дека со сегашниот број на вработени на ЦУК и ДЗС заедно, па и со 100 луѓе помалку, односно со 500 луѓе би биле повеќекратно функционални.

Ни треба една реална единица за заштита, пребарување и спасување. Имаме сè, но не луѓе што ќе излезат на терен и ќе гаснат, кои ќе отидат во планина да спасат човек. Ни треба една централна единица, која ќе дејствува на територијата на цела држава. И бев внимателен каде ја пласирам оваа идеја, зашто овој „стручњаков“ ќе ми ја украдеше и ќе ја напишеше како негова. Имавме класичен препишувач на закони.

Јас да ви ја прочитам систематизацијата на ДЗС, ќе паднете во несвест. Има тим за брза реакција за разни работи. Тимот за брза реакција на ДЗС за спасување од планина е должен да се собере во рок од 3 часа на местото каде што дејствува. Ако некој се повреди на Шар Планина, тие треба да се соберат во рок до 3 часа во Тетово, па да одат на местото. Здрав човек ќе умре за 3, 4, 5 часа, а не повреден. Ние треба да направиме една мултифункционална единица, јас сакам да ја наречам специјална единица за заштита и спасување на цела територија – вели Ангелов.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости