Ангелов за „Фокус“: Скоро сите шумски пожари се предизвикани од човек – најмногу од запалени стрништа и пасишта!

Сите оние што имаат куќи или викендички во напуштени села да се погрижат за своите дворови. Да имаат мек појас, кој не е тревнат. Значи, гол појас од барем 2 метри ако има само трева. Но, ако има дрва, појасот треба да е онолку широк колку што е дрвото од надворешниот раб, за ако се запали и падне да не го префрли појасот, апелира Стојанче Ангелов.

by Фокус

Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, говори за состојбата со шумските пожари и за причините поради кои се предизвикани, а предлага и начин како граѓаните сами да ги заштитат куќите во шумски подрачја.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во последните денови, како што рече Ангелов, во просек има по триесетина пожари на отворено и шумски пожари, од кои најголем проблем задавал пожарот на планината Серта, кој, според него, почнал во близина на воениот полигон Пепелиште, но не е предизвикан од страна на армијата, туку од стрниште во близина.

Војската во близина имала тренинг, се обиделе да го изгаснат, но не успеале, зашто тревата е толку многу сува, и дува едно ветре со таква брзина, што ве тера да трчате да го стигнете. Потоа, кога ќе влезе во грмушките, во трњата, во смреките, оние смреки високи по еден метар… Тие развиваат висока температура и не може да пријдете до нив, испушта вознемирувачки црн чад и пожарот потоа се шири во поголем фронт, обично во насока како што дува ветрот, и лево, и десно.

Овој пожар се разви во неколку краци, а потоа префрли и од задната страна на Серта, зборувам за неготинската страна. Инаку, оваа планина е Конечка Планина, која почнува кај Штип, веднаш до полицискиот и армискиот полигон или стрелиште Пенуш, и продолжува сè до пред Струмица, после Радовиш.

Се работи за долга планина од 30 километри, но ниска планина. Има и други пожари, но овој зафати поголема површина. Од почетниот пожар се развија краци, кои потоа ги третираме како независни пожари, бидејќи се одвоија од главнината.

Забележавме една појава, која првпат ја забележавме на еден пожар над Матка. Значи, гори кореновиот систем. Огнот оди под земја, односно тлеат корењата. Тие не се длабоки, но пожарот се движи по корењата и избива на здраво место и го пали растението. Затоа имаме такви огнени точки – вели Ангелов.

Тој посочува дека секој пожар претставува потенцијална опасност за населените места, индустриските капацитети и други значајни капацитети, како што е објектот Криволак. Воедно, додава дека неговиот фокус е ставен на максимата за која своевремено бил измеван – „сејфти фрст“ или безбедноста на граѓаните на прво место.

Нашиот фокус при овие големи пожари е да ги обезбедиме населените места. Многу често во тоа ни помага и локалното население, кое е високо мотивирано да си го брани својот имот. Проблемот е во тоа што кога слушате дека гори во некое село, како на пример сега Калањево, кое е сè само не село.

Во селото нема ниеден селанец. Тоа порано било село, но денес е викенд-населба. Старите куќи се поправени, направени се и нови, кои граѓаните ги користат како викендички. Но, кога тие правеле викендички, ги правеле во шумата, за да им биде поубаво, поромантично, за да имаат поголема сенка. Она што им дава убавина на тие куќи кога е мирно е тоа што ги прави ранливи кога има пожар.

Апелирам до сите оние што имаат куќи или викендички во вакви напуштени села да се погрижат за своите дворови. Да имаат мек појас, кој не е тревнат. Значи, гол појас од барем 2 метри ако има само трева. Но, ако има дрва, појасот треба да е онолку широк колку што е дрвото од надворешниот раб, за ако се запали и падне да не го префрли појасот.

За тоа е доволно еден мотокултиватор или некој може да го направи со обична мотика или копач. Добро е за здравјето, едно ладно пиво, копачот, мотиката и ќе направи појас за еден ден. Не зборуваме за научна фантастика или вселенска технологија, туку за копач, лопата, мотокултиватор или евентуално трактор. Тоа е мала инвестиција и секој што сака викендичка во напуштени села ќе ја заштити куќата од пожар – вели Ангелов.

Според него, за само 2 шумски пожари имало потврда дека се предизвикани од гром, додека безмалку сите се предизвикани од човек. Притоа, најголем дел од нив се предизвикани ненамерно, односно од запалените стрништа и пасишта од страна на земјоделци и сточари, а помал дел се предизвикани намерно од пиромани и криминалци.

Пожар да настане од шише фрлено во природа, кое дејствувало како лупа постои, но шансите се мали. Сите се настанати од човек и најголемиот дел ненамерно. Ги палат стрништата и пасиштата. Порано имало многу овци и крави, кои ја паселе тревата. Кога го жнееле житото, ја собирале сламата и ја користеле за храна за стоката, а сега не им треба на земјоделците. И најлесен начин да се ослободат од неа да ја запалат.

Но, при палењето, зборувам за големи површини, пожарот излегува од контрола. Имаме случаи кога земјоделците вишокот трева го палат на меѓите и огнот излегува надвор. Другиот проблем се сточарите. Кога имало повеќе стока, имало помалку трња, стоката ги брстела. Има и многу смреки, ниски се ама се шират и кон пасишта. Сточарите ги палат за да имаат повеќе пасишта. Плус, веруваат дека откако ќе го запалат пасиштето ќе изникне нова и свежа трева и делумно се во право.

Има и дел со патолошки, дел со криминални мотиви. Ги горат дрвјата и потоа ги сечат за поевтина шума и затоа треба да разгледаме законска измена за да не може да се продаваат изгорени дрва. Патолошките мотиви се пиромани, кои уживаат да гледаат. Имаме и одмаздољубиви мотиви, кога некој намерно пали за да го оштети комшијата со кој не се договориле за меѓата.

Но, веќе имаме две кривични пријави. МВР ги засилува активностите, мора да работиме на превентивни дејства. Зборував со министерот Панче Тошковки, треба да имаме повеќе луѓе на терен. Самото присуство на луѓе ги обесхрабрува потпалувачите – истакнува Ангелов.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости