Апелираме до ЕВН и до управителите на зградите да не се повтори исклучување на струја во висококатниците, бидејќи постои можност да дојде до несакани последици за луѓето кои би останале заглавени во лифтовите, рече на денешната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, откако утринава била исклучена струјата во кулата Б на Џевахир скај сити во Скопје.
Ангелов посочи дека откако снемало струја во оваа кула, неофицијално бремена жена останала заглавена во лифт. Порача да се изнајде решение за да не се дојде повторно во ваква ситуација, бидејќи постои можност некој да се повреди.
-Денеска околу 9.45 часот снемало струја во кулата Б на Џевахир скај сити, една од високите 40-катници во Скопје. Од страна на неколку граѓани дојде информацијата до Центарот за управување со кризи, по што од Секторот за операции и координации, конкретно РЦУК Скопје, е стапено во контакт со ЕВН. Најпрвин им било одговорено дека поради техничка неисправност на ниско напонската мрежа дошло до прекин на електричната енергија во висококатницата Б, појасни Ангелов.