Пожарот во прилепскиот дел од Мариово, кој синоќа зафати делови од селото Чаниште, денеска повторно се активирал поради засилениот ветер. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека огнената линија во моментов е долга околу 20 километри, од течението на Црна Река до врвот Маргаро.
На терен се прилепските пожарникари, тимови на ДЗС составени од доброволци од Битола, како и дополнително ангажирани доброволци од Кочани и Виница.
Како што информира Ангелов, главна задача во текот на ноќта ќе биде заштитата на селото Крушевица, кое се наоѓа на неколку километри од пожарот.
Гаснењето е отежнато поради високата сува трева и силниот ветер, кој постојано дува. Во акцијата се ангажирани и „ер трактори“ на ДЗС, кои успеале да прекинат дел од огнената линија и значително да го намалат делот што го загрозува манастирот и селото.
Ангелов оцени дека пожарот во моментов е најголем во Македонија. Тој информираше и за состојбата со пожарите на други критични локации, посочувајќи дека пожарот на подрачјето на Старо Нагоричани е ставен под контрола, додека кај селото Слеп останале само остатоци од огнот.
Во однос на последиците од пожарот во Чаниште, Ангелов појасни дека куќите што изгореле синоќа биле одамна напуштени.
„Не изгоре ниту една куќа во која што активно живеат луѓе“, посочи тој.
Според него, десетината жители на селото по стресот што го преживеале повторно се вратиле во своите домови. Сепак, постои можност да е изгорена и некоја куќа која сопствениците ја користеле како викендичка или за повремен престој.