Големиот романски противпожарен авион „Спартан“ денеска за првпат дејствуваше кај Солунска Глава и во неколку наврати фрли водни бомби од пет тони, истакна Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.
-Таму можевме да го искористиме тој романски авион, бидејќи немаше сили. Станува збор за место на 2.000 метри надморска височина, немаше луѓе на земјата. Инаку е ризично фрлањето на тие водни бомби, доколку погодат човек на земја, може да го убијат. Многу сме внимателни. Кога реагираат градоначалниците, ние многу добро знаеме зошто, кога и каде го праќаме кое летало, бидејќи сите имаат техничко-тактички ограничувања. На пример, за „Ер тракторите“ мора да има човек на земја кој што ги наведува. Доколку нема човек на земја, тие не гаснат. Комуникацијата со нив ја остварува човек од земја. Јас немам волшебен џојстик во рака да ги управувам авионите и хеликоптерите, изјави Ангелов во вечерашната „Топ тема“ на Телма ТВ.