Претседателот на политичката партија „Достоинство” и директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска преку Фејсбук порача дека денешното отворање на споменикот на УЧК во Слупчане треба да му биде пример на македонскиот државен врв како треба да се чествуваат македонските бранители од 2001 година.
-Свеченото отворање на 20 метарската спомен кула на УЧК во Липково на кое присуствуваа и Али Ахмети, Талат Џафери, Артан Груби, Фатмир Бесими, Бујар Османи и други високи претставници на владата, собранието и на ДУИ, колку и да не му се допаѓа некому, треба да биде пример за македонскиот државен и политички врв, како треба да се чествуваат македонските Бранители од 2001-та кои го дадоа својот живот бранејки ја татковината. Чествување на загинатите, но и почит кон ранетите, трауматизираните и сите останати македонски Бранители кои на било кој начин и во било кој обем учествуваа во одбраната на Македонија во 2001 година.
Тој додава дека за разлика од овој нов споменик на УЧК кој се наоѓа некаде далеку во Липковско, македонските Бранители од 2001-та, имаат достоинствен и репрезентативен споменик во строгиот центар на Скопје, во непосредна близина на македонското Собрание и скопскиот плоштад.
-Останува уште, на овој наш споменик на Бранителите од 2001-та, да се поклонат и претставници на највисокиот македонски државен и политички врв.
Затоа, повикувам да не се крева непотребна меѓуетничка тензија поради новиот споменик на УЧК бидејки јас, како непосреден учесник во одбраната на Македонија во 2001-та, можам само да им честитам на наследниците на УЧК -ДУИ, за почитта која ја покажуваат кон загинатите од нивните редови.
Тие нека си ги чествуваат нивните, ние да си ги чествуваме нашите загинати, а сите заедно да дадеме се’ од себе во Македонија никогаш повеќе да не ни се повтори војна и конечно да завладее целосен меѓуетнички мир, порача Ангелов.