Ангелов: Мостовите се опасни за граѓаните, ЦУК направи проверка на 14 мостови во земјата

by Fokus

Повеќето мостови се опасни за граѓаните, изјави денес директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој рече дека направиле проверка на 14 мостови низ државата.

Тој информираше дека се појавиле пукнатити на стаклото по кое се поминува на мостот „Око“ во центарот на Скопје.  Ангелов рече дека мостот е стабилен и во одлична состојба, но стаклата се напукнати.

„Ние го известивме Градот Скопје дека добивме пријава. Преставници на Градот во непосредна комуникација со мене ми кажаа дека ваквите стакла се безбедни и работат на нивна замена бидејќи се специфични. Најверојатно станува збор за вандализам. Имаме укажувања од градот дека нема да се скршат. Но за секој случај не е лошо граѓаните да не газат по овие пукнатини., рече Ангелов.

За мостот на Башино село се прават напори за целосна санација, а на мостот во село Ланце загрозена била стабилноста, објасни тој.

„Во село Ланце заклучивме дека градоначалникот е прилично немоќен, бидејќи станува збор за мост изграден пред педесетина години, тука на еден од столбовите е видлива вертикална пукнатина која верувам дека се одразува врз стабилноста на мостот, преку овој мост минува голем број на граѓани кои ги извршуваат земјоделските обврски, затворањето би предизвикало голем проблем но ваков каков што е не сум сигурен колку е безбеден“, рече Ангелов.

Увидот направен од ЦУК на мостот на реката Пчиња покажал дека е во исклучително лоша состојба.

„Стапивме во комуникација со градоначалникот од Куманово, веднаш ангажира стручни лица и го извести МВР. Ангажира експерт од Институтот за сеизмички градби и климатски промени. Мостот мора да се санира или да се руши и изгради нов е мислењето на Институтот. Се додека не се преземат мерки за санација мостот е ризичен и треба да се забрани за користење“, изјави Ангелов.

Стсотјбата на мостот во близина на село Секирник кај реката Струмица, според Ангелов исто така е алармантна.

„Состојбата е алармантна, како што може да зебележите на сликите столбот целосно е паднат во вода, еден столб нема“, изјави Ангелов.

Извршена била и посета на три моста кај Крива Река, за кои рече дека биле мали, но од животно значење.

„Има еден импровизиран мост тоа се диви мостови не се изработени со градежна дозвола граѓаните сами ги правеле и сите три се небезбедни“, рече Ангелов.

Ангелов информира дека мостот во Визбегово е во многу лоша состојба и испрати апел до Град Скопје да постави импровизирана ограда.

Тој рече дека биле известени сите надлежни институции и ги повика граѓаните да пријавуваат какво било оштетување или нестабилност на некој мост.

Поврзани новости