Директорот на Центарот за управување со кризи и претседател на Достоинство, Стојанче Ангелов, на социјалните мрежи пишува дека на денешниот протест во Тетово против крстот на Попова Шапка не се појавил безмалку никој.
„Благодарност до нашите сограѓани Албанци кои не дадоа поддршка на рушењето на крстот и со тоа покажаа почит кон нашите верски чувства. Најдобро за државата, најдобро за Македонија, најдобро за Македонците, Албанците и сите останати граѓани би било кога во претстојната политичка битка не би се злоупотребувале верските чувства и меѓуетничките односи“, пишува тој.
Ангелов го повикува градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами да го поништи, како што вели, провокативното и незаконско решение за отстранување на крстот.
Истовремено, тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА поднесе жалба против решението на општинскиот градежен инспектор за уривање на крстот кај манастирот Свети Наум Охридски на Попова Шапка.
Секретарот на општината Дарко Коцевски негираше каква било вмешаност, нагласувајќи дека ниту тој ниту градоначалникот Касами немаат овластување да носат такви одлуки.
Коцевски ги оспори оние кои тврдат дека неговиот потпис ќе го одобри уривањето, повикувајќи ги да се консултираат со Законот за инспекциски надзор.