Лидерот на владејачката Достоинство, Стојанче Ангелов, оценува предлогот на опозицијата полковниот Драган Ковачки да биде технички министер за внатрешни работи е спротивен на Уставот, иако, според Ангелов, станува збор за врвен воен професионалец.
-Неспорно е дека полковникот Драган Ковачки има одлично воено образование и професионално искуство. Ако на тоа го додадеме и неговото борбено искуство од 2001-та како и военото искуство од Ирак доаѓаме до неспорен заклучок дека се работи за врвен воен професионалец. Но, исто така, неспорно е дека според член 97 од Уставот, ниту тој, ниту кој било друг кој последните три години пред изборот не бил цивилно лице, не смее да биде министер за внатрешни работи ниту пак министер за одбрана – вели генералот Ангелов.
Сепак, тој смета дека спорна е ваквата рестриктивна одредба во Уставот, особено ако се земе предвид дека, како што вели, според член 9 од истиот Устав граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
-За надминување на сегашната и превенирање на некоја идна слична ситуација предлагам по завршувањето на изборите да се отвори оваа тема и сериозно да се разгледаат аргументите за и против оваа забрана. Како и да е, сѐ додека не се избрише оваа уставна забрана, никој кој не бил цивил три години пред изборот, вклучитено и полковникот Ковачки, не може да биде избран за министер за внатрешни работи, ниту пак за министер за одбрана – истакнува Ангелов.
Тој додава дека доколку ВМРО-ДПМНЕ се искрени во намерата со полковникот Ковачки, имаат можност кога ќе формираат влада да го именуваат за директор на Бирото за јавна безбедност или на друга висока државна функција.