„Нема потреба од поддршка на воздухопловните сили за гасење на пожарот кај скопско Ајватовци во раните утрински часови. Неизгаснат остана само еден релативно мал крак. Од страна на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје со поддршка од локалното население пожарот ќе биде следен“ изјавил за државната МИА директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Тој утрово нагласил дека пожарот е ставен под контрола. Два од трите краци од пожарот кои вчера гореа, како што вели, се изгаснати.
Пожарот избувна вчера попладне и се прошири на територијата на соседните села Мршинци, Бучинци и Бујковци во општина Илинден, како и во општина Арачиново.
Во еден период беше надвор од контрола и беше најавено дека рано утринава ќе дејствуваат два полициски хеликоптера, а подоцна ќе им се приклучат и два ер трактора на Дирекцијата за заштита и спасување.