Ангела Зафирова (17), ќерка на бодибилдерите Тоше и Габриела Зафирови беше дел од познат натпревар во Мостар, од каде се врати со дури пет високи награди.
Таа учествуваше на Спорт Фестивал W.F.F. WORLD FITNES FEDERATION, настан кој се одржува од 1968 година, од каде се врати со награди во пет категории, и тоа Спорт модел јуниор – прво место, Спорт модел сениор- второ место, Бикини јуниор – прво место, бикини сениор – прво место, Бикини апсолутна – прво место.
Со овие резултати Ангела успеа да се пласира на Мр Универзум -Лас Вегас 2024 година.
Родителите на Зафирова, не ја кријат својата гордост што ќерката тргнала по нивните стапки. Таа го имаше своето прво претставување на фитенс натрпевар лани, во Словенија, од каде исто така се врати со високи награди, по што посветено продолжила со тренинзите.
За ,,Фокус” шампионот Тоше Зафиров вели дека успесите на ќерката го радуваат повеќе и од неговите лични успеси кои ги постигна во децениската кариера, и не само како родител, туку и како тренер на Ангела, појаснува дека таа покажала голем потенцијал за во иднина.
-Голем натпреварувачки карактер, но истовремено и голема дисциплина, посветеност и упорност покажа Ангела на ова натпреварување. Со многу труд таа си ги отвори вратите на една потенцијално блескава кариера во овој спорт, што не прави горди родители.
Со сопругата Габриела сме овде за неа во секој момент, ја има нашата поддршка, а освоените медали се само уште мотив да се продолжи напред со засилено темпо.
Оние кои се дел од овој спорт знаат какви откажувања се потребни, а Ангела уште на многу млада возраст сето тоа го сфати доста сериозно, покажа огромна одговорност, не само кон нас како родители и тренери, туку и кон својата земја, чие знаме со крената глава го вее на натпреварите, вели Зафиров.
Тој и Габриела зад себе имаат испишано професионални успеси на светско ниво, и се големи промотори на Македонија. Додава дека успесите на Ангела за нив се само почеток на многу останати достигнувања кои ја очекуваат во иднина, бидејќи покажала неверојатна решителност на својот пат кон успехот.
Вики Клинчарова