Руските комичари Вован и Лексус, познати по своите телефонски местенки, ѝ се јавија и на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, претставувајќи ѝ се како поранешниот украински претседател Петро Порошенко.
Како што наведуваат западни медиуми, се чини, таа подобро „се држела“ од многумина свои колеги од политиката, па неколкупати и вешто одби да коментира на некои прашања, прагматично останувајќи на ставот дека таа веќе не е дел од власта и не треба премногу да копа во минатото. Така, прашана за договорите од Минск од 2014 година, Меркел рече дека нема смисла да се навраќа на тоа.
Таа исто така истакна дека не сака да шпекулира дали било можно да се спречи војната во Украина, но призна дека Договорите од Минск секако го одложиле судирот и му дале време на Киев.
– Во тој миг, за да не се случат полоши работи, сите ги потпишавме Договорите. Јас едноставно верувам дека тие ѝ дадоа на Украина повеќе време за развој во времето од 2014 до 2021 година. Овие договори беа добри за Киев, бидејќи благодарение на нив Украинците сега можат да му се спротивстават на Путин… Украина сега не само што може да одговори, туку доби и меѓународна поддршка, заклучи Меркел.
Прашана – што мисли, дали ќе може воено да се зајакне Украина до степен што ќe ја принуди Русија да преговара, Меркел повторно одби да одговори, велејќи дека Порошенко, бидејќи „е со армијата – во првите редови“, треба да знае подобро за тоа од неа.
– Петро, уште потешко ми е да зборувам за тоа отколку тебе. Би сакала да слушнам оценка од тебе. Ние сме пријатели. Сакаме да ви помогнеме. Европската Унија е единствена по прашањето за Украина, иако има мали разлики меѓу земјите-членки, појасни таа.
За Западот, како што рече пензионираната политичарка, важно е водечките земји да водат координирана политика, а за германската Влада смета оти добро ја води својата државна политика.
– Луѓето како мене, кои веќе не се во Владата, не можат да направат ништо значајно, затоа може само да ја поддржам тековната работа на нашата Влада, вели таа.
Коментирајќи ја политиката на францускиот претседател Емануел Макрон, таа рече дека верува дека и германските и американските лидери, т.е. канцеларот Олаф Шолц и претседателот Џо Бајден имаат многу добри односи со Макрон.
Поранешната германска канцеларка на крајот одбила да го продолжи разговорот на руски, на предлог на руските „шегаџии“, по што брзо го завршила разговорот за којшто, како што двапати нагласи, се надевала дека нема да заврши во медиумите. – Состојбата и онака е многу сложена и нашите две влади дефинитивно се во постојан контакт, нагласи таа.
Во 2020 година руските пранкери Вован и Лексус објавија разговорот со поранешниот премиер Зоран Заев, кој мислел дека разговара со активистката против климатските промени Грета Тунберг и нејзиниот татко.