Анета Андонова за Евровизија: Ќе потрошиме помалку од 150.000 евра, иако овие средства се премалку бидејќи шоу бизнисот е скапа работа!

by Fokus

Седум милиони денари е буџетот за проектот Евросонг, односно за Јуниорски Евросонг и Евросонг, со отстапки од буџетот од околу 10 проценти, а не сума од 150.000 евра – се огласи Анета Андонова, главната уредничка на Првиот програмски сервис на МРТ.

Откако вчера во Женски магазин беше објавена веста дека Евросонг ќе не чини околу 150.000 евра, што предизвика револт и критики кај јавноста, која на социјалните мрежи обвини дека напразно се трошат големи суми на пари, без видливи резултати, реагираше и Андонова, која вели дека конечната сума се уште не е прецизирана.

За ,,Фокус” таа појаснува дека буџетот за Евровизија и за Детска Евровизија на годишно ниво изнесува околу 114.000 евра, со отстапки кои не треба да се повеќе од 10 проценти, и според неа, годинава ќе бидат потрошени помалку од 150.000 евра за настанот. Сепак, вели дека со оглед на буџетите со кои располагаат другите земји учеснички на настанот, овие средства се премалку. Иако конечната сума потребна за настанот не била детално утврдена, бидејќи зависела од повеќе фактори, Андонова ветува транспарентност и најави дека МРТ ќе даде отчет за сите потрошени средства.

-Планираниот буџет за ТВ проектот ЕВРОСОНГ, според финансискиот план на ЈРП МРТ изнесува 7.000.000 (седум милиони) денари. „За нештата да станат појасни“, Евросонг е проект во којшто влегуваат две претставување на Македонија и на Јавниот сервис во Европа: Јуниорски Евросонг и Евросонг. Во таа сума влегуваат две котизации: Котизација за Детски Евросонг (која чини околу 310.000 денари ) и котизација за Евросонг (која чини околу 2.264.060 ден). Останатите средства се користат за покривање на авторските дела (композиции, текстови, аранжмани), видео спотови, патните и други трошоци за делегациите кои не претставуваат на двете манифестации ( Детски Евросонг и Евросонг). Имајќи предвид колку шоу бизнисот е скапа работа, имајќи ги предвид буџетите на останатите земји – учесници , овие средства се премалку. Сепак, општиот став е дека Македонија и Јавниот сервис како членка на ЕБУ треба да учествува на вакви етаблирани манифестации. Ако визијата за МРТ е да стане модерен јавен сервис кој што ќе ја донесе Европа во Македонија и Македонија во Европа, тогаш нашето претставување не треба да се доведува под прашање. Наша обврска како Јавен сервис е тоа да го направиме достоинствено со парите што ги имаме. Затоа размислуваме за ефектен настап, во рамки на буџетот.Отстапките во буџетот не треба да се повеќе од 10 %, а тие варираат од земјата – домаќин, од концептот на песната, сценскиот настап итн… За сите трошоци, МРТ ќе даде отчет – тврди Андонова.

Околу обвинувањата на сметка на шефицата на нашата делегација, Мери Попова, од која најчесто јавноста бараше одговорност поради лошите пласмани на Евровизија, Анета вели дека сепак, Попова останува да биде дел од тимот, бидејќи имала големо искуство стекнато во изминатите години и веќе имала остварено голем број на контакти со другите делегации. Категорично тврди дека проблемот не е во шефот на делегацијата.

-Македонската телевизија формираше работен тим составен од уредниците на секторите кои третираат забавна музика, од трите програмски сервиси МТВ1, МТВ2 и МР: Мери Попова – Уредник на Културно уметничка програма на МТВ1, Авни Ќаили Уредник на Културно уметничка програма на МТВ1 и Тони Цифровски Уредник на Културно уметничка програма на МР. Уредникот на Културно уметничка програма на МТВ1, Мери Попова и понатаму е дел од тимот заради остварените контакти со делегациите од другите земји учеснички, чии шефови, патем остануваат на своите позиции повеќе од 10 години, независно од успехот или неуспехот на нивните земји. Проблемот не во шефот на делегацијата. Целиот процес на соработка со ЕБУ бара постојани контакти и административни процеси во кои Попова е поприлично упатена. Сепак, тимот оваа година ќе има измени – појаснува главната уредничка на Првиот програмски сервис на МРТ.

Минатата година на Евровизија не претстави групата Ај Кју и не влеговме во финале, но затоа пак ја освоивме наградата Барбара Декс која секоја година му се доделува на најлошо облечениот претставник.

Андонова вели дека за отстапките направени по барање на изведувачите, со цел тие да се чувствуваат удобно на сцената, треба да бидат запрашани изведувачите лично, наместо да се обвинува Јавниот сервис.

-Во однос на наводите за лоши настапи на досегашните учества на Песна за Евросонг, одговорно ви тврдам дека многу отстапки се направени по барање на изведувачите со единствена цел: изведувачот да се „чувствува удобно“ на сцена, затоа што сепак тој / тие ја чувствуваат пресијата. Зошто никој од нив, досега не излезе во одбрана на Јавниот сервис, кој патем е нивни – е прашање кое треба да им се постави – ни изјави Андонова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости