Д-р Калина Гривчева-Старделова, првиот човек на Лекарската комора денеска на прес-конференција рече дека повеле постапка против тетовскиот анестезиолог Ваљон Девиши кој со тоа што на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал во тетовска Гинекологија прекршил повеќе етички норми.
Максималната казна што може да ја добие е одземање на лиценцата во најдолг рок од 7 години. Додаваат дека трајно одземање на лиценца е по одлука на суд за несовесно лекување, што завршило со смртен исход на пациент.
„Тема е инцидентот во Клиничката болница во Тетово, каде што лекар во оваа здравствена установа, за жал, ја искористил својата позиција и ги нарушил правата на пациентите, а со тоа го нарушил и угледот на нашата професија. Се одржа вонреден состанок и по деталната расправа, комисијата донесе одлука за поведување случај пред судот на честа. Пријавата е прифатена против Ваљон Девиши со предлог привремено одземање на лиценцата за работа“, рече Гривчева-Старделова.
Таа посочи дека лекарите треба одговорно да си ја извршуваат професијата.
„Лекарот е обврзан да ја чува професионалната тајна. Изразуваме жалење и во име на целата струка им се извинувам на сите пациентки што лежеле во болницата. Судот на честа ќе заседава во најкус можен рок“, додаде таа.
Претходно, судот му одреди осумдневен притвор на 43-годишниот лекар – анестезиолог од тетовското село Одри.
Министерот Фатмир Меџити побара одземање на лиценцата за работа, а случајот го пријави директорот на тетовската болница.