Проценката на ризиците од корупција во правосудниот систем не е да се утврди дали постои корупција во судство, бидејќи таа е познат непријател со којашто се соочуваме.
Оваа проценка од прва рака ни укажува на искуствата на судиите, обвинителите и укажува на ризиците и ранливоста, коишто ја попречуваат правдата, порача шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, во своето обраќање пред судиите и обвинителите на презентацијатата на резулатите од проценката, која претставува стратешки документ, но и насока како да се подобрат состојбите во правосудниот систем.
Во сржта на Проценката на ризиците од корупција во правосудниот систем, подготвена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, како што беше посочено на промицијата, се исказите и искуствата од прва рака на судиите и обвинителите.
Амабасдорот Вал, посочи дека оваа проценка ги разгледува внатрешните и надворешните ризици од корупцијата.
-Од една страна надворешните ризици ги идентификуваат судиите и обвинителите, меѓу нив се наоѓаат пристрасни мислења на вештаците, злоупотреба на процедуралните, процесните права на адвокатите, недоволна соработка со други истражни тела.
Од друга страна внатрешните ризици се однесуваат првенствено на вршењето влијание врз правењето на годишниот распоред за работа на судиите, блискоста меѓу адвокатите и судиите и обвинителите, селективно избирање на адвокати по службена должност и несоодветно пружање на професионални услуги.
Еден од најзагрижувачките наоди е широката распространета недоверба и независноста на Судскиот совет и во однос на унапредувањето и разрешувањето на судиите, вели Вал.
Истражувањето покажало дека судиите и обвинителите изразиле сомнежи и во способноста на правните застапници да ја чуваат независноста, како и да донесуваат независни одлуки.
Вал, додава дека оваа проценка укажува дека мора да се искористат оние важни анткорупциски механизми и треба да биде водич којшто ќе потикне да имаме делотворно судство, коешто ќе биде транспарентно и отчетно, а со што ќе се зајакне законската рамка и ќе ги зајакне институциите, како и да го заштити нивниот интегритет.
Посочи дека проценката која е направена треба да послужи на судската власт како катализатор за промени и судството да ги поддржува принципите на правичност, независност и отчетност.
-Во прашање се луѓето, мора да се погрижиме јавните институции да ги штитат правата на граѓаните.
Затоа ве поканувам да ги искористиме резултатите од ова проценка, како основа за стратешка проценка, секако дека патот пред нас претставува голем предизвик, вели Вал.
Забележа, дека за да има резултати во овие предизвици треба да се вклучат сите, судството, институциите, политичарите, граѓанскиот сектор и граѓаните.
Амабасадорот Вал, вели дека проценката укажува и дека судиите и обвинителите веруваат во антикорпциските мерки, а дигитализацијата на судството и автоматското распоредување на предмети се споменуваат во позитивен контектс.
Тој додава дека ситуацијата не е таква каква што сакаме да биде, но е постигнат напредок според последниот извештај на Транспаренси интернешанал. -Обвинувањата за корупција се многубројни.
Анегдотите за несоодветно влијание во правосудниот сектор се реални и тие се пребројни. Ова не е време за „бизнис како и вообичаено“; ова е време за смели чекори и акција.
За најдобро да ги насочиме нашите колективни ресурси, треба да погледнеме што ни кажуваат податоците.
Да работиме сите заедно за да се бориме против корупцијата што постои и да ги елиминираме ризиците што таа ги носи во правосудството, рече Ерик Мејер, заменик-шеф на Мисија во Амбасадата на САД.
Билјана Ивановска претседателка на ДКСК се надева дека оваа проценка нема да остане само на хартија, туку ќе биде искористена за градење на здрав контролен систем.
Забележа дека најголем дел од пријавите од граѓаните кои пристигнуваат до ДКСК се токму за судските пресуди. Инаку ова е прва ваква проценка, која се заснова на одговорите на судиите и обвинителите.
-Резултатите од истражувањето упатуваат на заклучокот дека во услови на недоволен ефикасен систем на интегритет во судството и јавното обвинителство надворешните и внатрешните фактори и ризици негативно влијаат врз ефикасноста на правосудниот систем, но сепак упатуваат на потенцијални контролни системи кои треба да се воспостават за да го намалат влијанието на утврдените ризици, вели Ивановска.
Судијата Џемали Саити, претседател на Здружението на судии од Северна Македонија, посочи дека соработката со Мисијата на ОБСЕ во Скопје неколку години наназад, резултира со бројни активности, мноштво креирани документи, истражувања и препораки, за подобрување на состојбите во правосудниот систем.
-Анализата е дел од оваа соработка и се надевам дека значително ќе придонесе кон имплементација на законските механизми за независно, отчетно и отворено судство, како предуслов за подигање на јавната доверба, рече судијата Саити.
Елвин Вели, претседател на Здружението на јавни обвинители, додаде дека личниот интегритет на јавните обвинители претставува најзначајна алатка за отстранување на било какви влијанија во постапувањето.
-Сите правосудни институции се меѓусебно поврзани и до ефикасни резултати може да се дојде единствено доколку секој од нас лично се вложи и го даде максимумот за подигнување на стандардите и етичноста во постапувањето, додаде Вели.