Сликарката Андријана Мациев (41), ќерката единица на популарната пејачка и ТВ водителка Јулија, ја изгуби битката со болеста. Таа се бореше со канцер околу две години, а пред три дена нејзината мајка објави дека состојбата и се влошила.
Веста дека Андријана, која е мајка на Стефанија, се бори со тешка болест, Јулија ја откри во септември 2020 година.
За ,,Фокус” тогаш раскажа дека минуваат низ најтешкиот период во животот, но имаат верба дека Андријана ќе излезе како победник од оваа битка.
-Ние ќе успееме – изјави тогаш Јулија, која многу рано го изгуби својот сопруг и сама ја одгледа ќерката.
Лани во февруари Андријана објави дека завршила со хемотерапиите и дека започнува ново поглавје во животот, и порача дека е среќна и благодарна.
Денес блиските на семејството Мациеви на социјалните мрежи со потресни пораки се збогуваат со младата жена и мајка, уметничка која лавовски се бореше за секој нов ден.
Вики Клинчарова