Поп пејачката, прва виолина во МОБ и професор Андријана Јаневска ја промовираше својата прва книга со наслов: “Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора”. Промоцијата се случи синоќа во Музејот на Стерјо Спасе во с. Глобочени, Мала Преспа, во рамки на Македонско културно лето, а промотор на книгата беше проф. д-р Родна Величковска.
Јаневска јавно се заблагодари на организаторите на настанот, на промоторката Величковска, но и на пејачите и информаторите без чија помош немало да биде возможно издавањето на трудот.
-Народното творештво претставува еден од најзначајните сегменти во севкупниот материјално-духовен идентитет на македонскиот народ. Истражувањата покажаа дека чувството за: јазикот, припадноста и идентитетот никогаш не ги напуштило Македонците од овие региони.
Во текот на моите теренски истражувања, но и во многу книги сретнав записи и кажувања како македонскиот фолклор сакаат да го прикажат како туѓ. Македонскиот народ, кој живее во овие три региони, токму преку традиционалните македонски песни, во разни варијанти, е поврзан како еден единствен народ, кој за жал, во минатото бил разделен- истакна Јаневска.
На промоцијата на книгата беше присутен и новиот министер за култура, актерот Зоран Љутков.
Вики Клинчарова