Бура од емоции и морници предизвика изведбата на Катерина Танева и Андријана Јаневска на песната ,,Ми заплакало селото Ваташа”, денес пред споменикот на 12-те ваташки младинци.
Истиот перформанс двете пејачки го изведоа и синоќа, во Домот на културата ,,Иван Мазов – Климе” во Кавадарци, а денес и во Моклиште, пред присутните делегации, и граѓани, помеѓу кои имаше и членови на семејствата на убиените деца.
На последната строфа, совладани од емоциите, Катерина и Андријана се прегрнаа, обидувајќи се да ги задржат солзите, и така прегрнати ја завршија песната.
Во разговор за ,,Фокус” Јаневска уште вчера изјави дека честа да се настапи на еден таков значаен настан, за неа е голем предизвик, посебно бидејќи во публика ќе бидат и роднини на ваташките младинци.
Откри дека како на публиката, така и нејзе може да и се случи да ја совладаат емоциите на сцена, па истакна дека верува како публиката ќе и прости доколку тоа се случи.
Присутните во Моклиште пак, додека траеше перформансот, пееја во ист глас со нив, оддавајќи им достојна почит на младинците, кои на денешен ден пред осум децении беа ѕверски убиени од бугарскиот фашистички окупатор.
Игор Џамбазов за време на перформансот ги рецитираше стиховите на ,,Цветови” од Славко Јаневски. Овие песни се создадени во чест на ваташките деца, а покрај нив, напишана е и поемата ,,Крвава блокада” од поетот Лазо Каровски. ,,Ми заплакало селото Ваташа”, пак е напишана од поетот Лазар Манчевски – Пинџур.
Вики Клинчарова