СДСМ направи многу во овој период за граѓаните и за иднината на државата. Јас би сакал да го чујам планот кој го има ВМРО-ДПМНЕ, ама очигледно е дека немаат план каде да ја однесат државата, ниту пак знаат како тоа ќе се спроведе, рече Андреј Петров, член на Извршниот комитет на СДСМ, во утринската емисија на „Слободен печат“.
– Последната изјава на американската амбасадорка беше многу јасна, дека и таа чека и сака да го чуе планот на ДПМНЕ. Тие треба да бидат чесни и да понудат некое решение. ЕУ е нашата единствена можност, затоа што само така ќе бидеме демократска држава во која ќе има помалку криминал , ќе можеме побрзо да извадиме документи, ќе имаме посигурна држава, со подобри институции, подобри плати, пензии. За нас како мала земја нема друга алтернатива од тоа да ја однесеме државата во ЕУ – рече Андреј Петров.
Тој потенцираше дека ако уште 11 години преговараме и дозволиме да оди земјата во изолација, нема да направиме ништо. Тука не станува збор за популизам или политиканство, туку дека ЕУ е подоброто решение за новите генерации кои доаѓаат.
– Ние две години имавме дебата, „никогаш Северна“, ама сега гледаме дека таа дебата веќе не постои, ниту кај опозицијата , ниту кај другите. Значи, треба време да се согледаат работите. Не се сомневам дека СДСМ ќе понуди добра програма и добри кандидати и ќе направи се за добар настап кој одговара на политиката на владината коалиција и која секако одговара на европските интеграции и влезот во НАТО – рече Петров.
Тој потенцираше дека претседателот на партијата Димитар Ковачевски ќе биде повторно мандатар, а СДСМ победник на парламентарните и претседателските избори.