Андреа ќе настапи, одлучи МРТ, а од наредна година Македонија може повеќе да не учествува на Евровизија!

by fokus

По настанот со Андреа Коевска, која го фрли македонското знаме на земја, јавниот сервис МРТ ја соопшти својата одлука за санкциите кои планира да ги преземе.

Како што наведуваат во соопштението, одлучиле Андреа да настапи на манифестацијата, а откако делегацијата ќе се вратела од Италија, членовите ќе поднеселе извештаи за случувањата, па ќе се одлучело кои решенија и дисциплински мерки ќе бидат преземени.
Поради негативниот имиџ, известуваат дека се разгледува можност Македонија од наредната година да не учествува на Евровизија.

-Македонската Радио Телевизија, по инцидентот кој што се случи за време на официјалната церемонија за отворање на „Евросонг 2022“, кога нашата претставничка Андреа Коевска го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих и по првичното Соопштение кое што беше објавено по реакциите на јавноста, детално ги разгледа сите аспекти за евентуалното повлекување на нашата претставничка од Евровизија.

Таквиот чекор во момент кога сите рокови за повлекување се поминати би предизвикал голема финансиска штета и други санкции кои што не се за занемарување. Имено, со откажувањето би се загрозилo и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани кои што Јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодуфузна мрежа.

Македонската Радио Телевизија ќе ги преземе сите законски решенија и дисциплински мерки по враќањето на нашата делегација од Торино, откако членовите ќе ги поднесат извештаите за случувањата на церемонијата.
Поради негативниот имиџ во јавноста на проектот „Евровизија“ што предизвикува негативен публицитет на МРТ, Уредничкиот колегиум на МРТ ја разгледува можноста од следната година Македонската Радио Телевизија веќе да не учествува на Изборот за песна на Евровизија – наведено е во соопштението до јавноста.

Вики Клинчарова

Поврзани новости