Во емисијата „Стисни плеј“ на МРТ1 вечерва беше избран нашиот евровизиски претставник, и победата ја однесе Андреа со песната „Circles“.
Пред камерите се претставија шесте кандидати за кои народот имаше можност да гласа изминативе денови. Кали, Лара, Виктор, Јон, Андреа и Рис Флауер се релативно млади музичари, кои претходно беа избрани на конкурсот кој го распиша МРТ.
Избирањето се одвиваше по пат на онлајн гласање, а гласовите од јавноста сочинуваа 50 проценти, додека останатите 50 проценти беа доделени од страна на стручно странско жири.
Во гласањето беше вклучено стручно жири од Малта, Израел, Грузија, Исланд и Ерменија, односно луѓе кои биле членови во евровизиските делегации на нивните земји. Она кое беше збунувачки за гледачите беше тоа што кандидатите кои добиваа најмалку поени од стручното жири, всушност се рангираа како најдобри, односно еден поен значеше најмногу бодови, додека шест поени значеа најмалку бодови.
Според жири, најмногу гласови освои Андреа со песната „Circels“.
Од страна на јавноста, својот глас го дале 30.756 гласачи на онлајн платформата. Според гласовите од публика, Виктор освои12.621 глас, зад него се најдоа Кали, Андреа, Јон, Рис Флауер и Лара со најмал број на гласови,односно 1.186.
На крај Виктор и Андреа имаа изедначен број на гласови, но според правилникот, пресуден беше бројот на највисоки оценки од жирито.
Победничката мелодијата е дело на Александар Масевски, кој беше покрај Андреа за време на гласањето.
-Нема да ве разочараме, ќе ја оправдаме довербата, порача возбудено младата пејачка, која е активна на сцената помалку од две години и нејзините песни се на англиски јазик.
Вики Клинчарова