По неколкумесечна пауза од јавни настапи, поп пејачката Андреа Коевска, која беше македонска евровизиска претставничка за 2022 година во Италија, во саботата имаше настап на сцената на Долни Сарај, на Интренационалната вечер на Охрид Фест.
Таа го имаше своето деби на фестивалот со песната „Close to the sun”, за која музиката, текстот и аранжманот ги направи Александар Масевски, кој ја освои наградта за најдобар аранжман. За краткиот период откако стана актуелна на сцената, по победата на домашниот избор на песна за Евровизија, а потоа и по учеството на Евровизија 2022, Андреа беше препознатлива по црната боја на гардероба.
И во Италија пееше облечена во црно, а во интервју за „Фокус“ пред одржувањето на Евровизија ни изјави дека дефинитивно ќе носи црно, а нејзината желба била минимализам, бидејќи сакала да се долови сировата емоција и сметала дека нема потреба од дополнителни елементи.
Сепак, во Охрид се појави со забележителна промена на стилот, и пееше облечена целосно во бело, односно во бели патики, бели фармерки и бела кошула. Но, иако го промени стилот, сепак остана верна на практиката да пее на англиски јазик. Како што ни изјави пред евровизискиот настап, пеела на англиски јазик бидејќи сакала да ја надмине Евровизија и да биде македонска претставничка на светот.
-Не може постојано да ги затвораме мислите и срцата кон надворешниот свет, туку треба да му ја донесеме националната перспектива на јазикот кој светот го разбира- изјави таа во интервју за „Фокус“ од февруари.
Вики Клинчарова